Dzihat Aliju
24 Април 2017•Ажурирај: 25 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Заменик-министерот за надворешни работи на Република Турција, Ахмет Јилдиз, допатува во посета на Република Македонија со цел да оствари поголем број средби. Заменик-министерот Јилдиз денес во Скопје ќе оствари одделни средби со заменик-министерот за надворешни работи на Р. Македонија, Илија Исајловски, и со министерот без ресор, Бејџан Илјас, јавува Anadolu Agency (AA).
Заменикот-министерот Јилдиз, по средбата со министерот Илјас одговараше на прашањата на новинарите во врска со остварената средба.
Јилдиз истакна дека ова е негова прва посета на Македонија. Тој изјави дека во рамките на оваа еднодневна посета на Македонија ќе има можност да се сретне со својот колега Исајловски, со кој ќе ги разгледаат билатералните врски меѓу двете земји.
Заменик-министерот Јилдиз рече дека се сретнал и со други претставници на турската заедница во Македонија.
„Турција води политика со која се стреми да се воспостави стабилност и мир во регионот и да се обезбеди благосостојба во земјите од регионот. Крајната цел на сето тоа е интеграција на регионот во евроатлантските институции, односно во НАТО и во Европската Унија. Европската Унија е цел и на Турција. Се надевам дека еден ден заедно ќе бидеме дел од истата унија“, додаде тој.
Во својата изјава, заменикот-министерот Јилдиз истакна дека Македонија и останатите земји од регионот повремено имаат проблеми во внатрешната и во надворешната политика и додаде: „Ние се надеваме и гледаме дека сето тоа ќе биде надминато по пат на дијалог“.
Министерот Бејџан Илјас се заблагодари за посетата на заменикот-министерот за надворешни работи на Турција, Јилдиз, и рече дека на средбата разговарале за политичкиот развој на настаните во Македонија, а се консултирале и околу членството на земјата во НАТО и во Европската Унија.
Министерот Илјас на средбата со заменикот-министерот Јилдиз зборувал и за состојбата на турското малцинство што живее во Македонија.