Husameddin Gina
03 Септември 2018•Ажурирај: 04 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - По повод почетокот на новата учебна 2018/2019 година, премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за образование и наука, Арбер Адеми, го посети ОУ „Ацо Шопов“ во општина Бутел, јавува Anadolu Agency (AA).
Во оваа учебна година стартуваат околу 270.000 ученици. За прв пат во училишните клупи ќе седнат над 20.000 основци, додека во прва година во средно училиште се запишани над 16.000 ученици.
Премиерот Зоран Заев, на сите ученици им посака многу успех во новата учебна година, особено на првачињата. Исто така, многу успех во новата учебна година им посака и на наставниците.
„Првиот школски ден е еден од најважните денови во животот на секое дете. И ние, возрасните, се сеќаваме на нашиот прв школски ден. Ние, државните институции, ќе бидеме овде будно посветени да ги следиме сите нив во обезбедувањето на што е можно поквалитетни услови за спроведување на наставните планови и програми“.
На свеченоста премиерот Зоран Заев на првачињата им порача: „Овој ден е посебен ден што ќе го паметите целиот ваш живот, од денеска натаму, многу од тие најважни работи во животот ќе ви се случуваат токму тука, во училиштето“, истакна премиерот Заев.
Премиерот, на свеченоста, на наставниците им порача несебично да го споделат знаењето со децата, и да одговараат на сите нивни прашања.
- Европска Македонија и европско образование -
„Ми претставува големо задоволство што денеска го одбележуваме и официјално почетокот на новата учебна година која претставува предизвик за сите нас, за институциите на системот, за менаџментот на училиштата, за наставниците, родителите и за сите ученици, особено за првачињата, кои првпат седнуваат во ученичките клупи“, истакна министерот за образование, Арбер Адеми.
„Во процесот на нивната едукација, не се сами, тие се заедно со нас, со родителите, наставниците, зашто работиме напорно за најмладите, за идните генерации, да обезбедиме европска Македонија и европско образование“, додаде Адеми.
Министерот за образование, Арбер Адеми, претходно го посети и ОУ „Никола Вапцаров“ во општина Чаир.