Ekipa
12 Февруари 2018•Ажурирај: 13 Февруари 2018
АНКАРА (АА) - Премиерот на Р. Македонија, Зоран Заев, по средбата со турскиот премиер, Бинали Јилдирим, во Анкара, изјави дека инвестициите и членството на Р. Македонија во НАТО се важни за економскиот развој на државата како и за остварување на стратешките цели, и дека секој искрен пријател на Македонија е драгоцен, посебно кога станува збор за традиционално докажан пријател како што е Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
„Средбата е можност да го потврдиме пријателството, и да ја зајакнеме нашата соработка, која е огромна, но може да биде и уште поголема. Со голема загриженост, ги следевме трагичните настани на 15 јули 2016 година, најсилно го осудивме неуспешниот обид за државен удар, и ги поддржавме сите демократски избрани институции на Р. Турција“, истакна премиерот Заев на заедничката прес-конференција со турскиот премиер Јилдирим.
Тој истакна дека на ниво на премиери и на меѓуделегациската средба е разговарано за интензивирање на економската соработка помеѓу Македонија и Турција, и нагласен е интересот за инвестирање на турски компании во Македонија.
„Денеска разговаравме за интензирање на економската соработка помеѓу Р. Македонија и Р. Турција. Постои интерес од компаниите од Турција за инвестирање во Р. Македонија, посебно по стабилизацијата на политички план и по отворените перспективи на Македонија кон ЕУ и НАТО. Благодарни сме и на Р. Турција за големата поддршка што ја дава оваа земја на полето на инвестициите и на полето на интеграциите на РМ во НАТО, па дури и во ЕУ. Инвестициите и членството на Р. Македонија во НАТО се важни за економскиот развој на нашата држава, како и за остварување на нашите стратешки цели, и секој искрен пријател на Македонија е драгоцен, а посебно кога станува збор за традиционален докажан пријател како што е Турција“, нагласи Заев.
Тој истакна дека е постигнат договор за зголемување на напорите и за отворање на можности за унапредување на соработката и во другите сфери кои се од интерес на граѓаните.
„Договоривме дека силно ќе се заложиме за отворање на можности за унапредување на соработката и во сите други области што се во интерес на граѓаните на нашите две држави. Лоциравме дека во енергетиката, индустријата, земјоделството и инфраструктурата но и во одбраната и безбедноста, постои и интерес и потенцијал да се продлабочи соработката, и на тоа ќе работиме во претстојниот период“, истакна Заев.
Тој рече дека констатирано е како премиери, и како Влади на Р. Македонија и Р. Турција, и за унапредување и негување на културните врски меѓу двете земји.
„Република Македонија се покажа како пример за успешно мултиетничко општество. Докажавме дека ако се сака, може да се гради општество на еднакви граѓани и го уверив премиерот на Р. Турција дека продолжуваме по тој пат да ја развиваме Р. Македонија“.
Во таа насока, истакна премиерот Заев, е и почитувањето и развивањето на можностата граѓаните Турци во Р. Македонија да го употребуваат својот мајчин јазик, како и високото почитување на традиционалните културни вредности.
„Овој пример на успешен спој на различностите во нашата држава е една од вредностите што ние имаме да ги понудиме како држава на ЕУ и на НАТО, кон каде што целиме и каде сметаме дека заслужено припаѓаме“, истакна Заев.
Во врска со новинарско прашање околу спорот со името меѓу Грција и Македонија, Заев рече: „Почитуваниот претседател Ердоган и почитуваниот премиер Јилдирим, како и официјалните институции на Турција се најголеми поддржувачи во врска со ова прашање. За ова разговаравме и со почитуваниот премиер. Турција како пријател прифаќа решение кое ќе биде прифатливо за двете страни, заради тоа што тоа е решение единствено возможно за нашиот пат кон НАТО и кон ЕУ“, одговори Заев и додаде дека се надева на поддршката на пријателите во изнаоѓањето на решение, со оглед на тоа што спорот за името со Грција трае 25 години.
Македонсиот премиер на крајот упати благодарност до сите граѓани на Р. Турција и истакна дека граѓаните на Македонија во нив гледаат и имаат верен и искрен пријател. Тој истовремено ја повика бизнис заедницата на Турција да дојде и да се запознае со новите услови и можности за инвестирање во Р. Македонија и додаде: „Тие партнерства ќе бидат во интерес и на граѓаните на кои им се потребни нови вработувања, но и на придобивките на економски план за двете држави“.
Премиерот Заев кажа дека од Владата на Р. Турција е побарано да се овозможат квоти за извоз на телешко и јагнешко месо и за Македонија, како што се овозможените квоти за Босна и Херцеговина и Србија.