Burak Yılmaz
25 Мај 2016•Ажурирај: 25 Мај 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Со свечена церемонија во Истанбул вечерва официјално заврши дводневниот Светски хуманитарен самит кој ги собра бројните светски лидери кои го свртеа вниманието кон хуманитарната криза и проблемите со кои се соочува светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на церемонијата на затворање на Самитот рече дека учесниците за време на овие два дена имаа можност да разговараат за проблемите во светот но и за можните решенија со цел изградба на помирен и побезбеден свет.
„Луѓето ширум светот, често и на исти места, имаат потполно различни услови за живот. Од една страна постои луксуз, расфрлање и богатство, додека во непосредна близина милиони луѓе живеат во голема беда, сиромаштија и глад. Ова сигурно не е праведен свет кој го сакаме”, изјави Ердоган.
Тој истакна дека е потребно брзо да се реагира со цел секој на глобално ниво да ја презеде политичката, моралната и економската одговорност за случувањата и проблемите во светот.
Генералниот секретар на Обединетите нации денес, исто така, потсети дека потребата од хуманитарна помош во последните 15 години се зголемила за 12 пати и достигнала до износ од 245 милијарди долари, и додаде дека „за жал кризите ќе бидат продолжени”.
Според официјалните податоци на ОН, на Светскиот хуманитарен самит учествувале над десет илјади лица, од кои девет илјади доаѓаат од 173 земји, како и 900 новинари.
За безбедноста за време на Самитот беа задолжени 8.000 полицајци, 200 припадници на специјалните единици, два полициски хеликоптери, четири чамци и 33 експерти за антидиверзантска заштита.
Инаку, првиот Светски хуманитарен самит, чијшто домаќин беше Турција, започна во понеделник 23-ти мај, а официјално заврши денес. Собирот се одржа во време кога миграциите се масовни и кога луѓето ширум светот се соочуваат со интензивна хуманитарна криза.