Ekipa
05 Декември 2017•Ажурирај: 06 Декември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Европската Унија денес истакна дека можното еднострано делување во врска со статусот на Ерусалим од страна на САД може да ги поткопа мировните напори, јавува Anadolu Agency (AA).
Високата претставничка за надворешни работи на ЕУ, Федерика Могерини, по телефонскиот разговор со јорданскиот министер за надворешни работи, Ахман Сафади, објави соопштение во кое се вели дека САД би требало да избегнат еднострано дејствување кое би влијаело на статусот на Ерусалим.
„ЕУ беше јасна во своите наводи во однос на негативното влијание од последиците кои би ги предизвикала која било одлука или еднострано делување во однос на статусот на Ерусалим“.
„Може да има сериозни реперкусии врз јавното мислење во повеќе делови на светот“, рече Могерини.
Таа исто така изјави дека фокусот би требало да остане на напорите за обновување на мировниот процес и избегнување на каков било потег кој може да ги поткопа таквите напори.
Минатата недела американските медиуми објавија дека американскиот претседател Доналд Трамп размислува за непосредно преместување на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим и официјално признавање на градот како главен град на Израел.
Ерусалим останува во сржта на трајниот конфликт меѓу Израел и Палестина бидејќи Палестинците го сакаат Источен Ерусалим, кој е окупиран од страна на Израел, за главен град на идната држава.
За време на изборите, Трамп вети дека ќе ја премести амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим.
Вчера, францускиот претседател Емануел Макрон изрази загриженост во врска со можноста дека САД може еднострано да го признае Ерусалим како главен град на Израел.
„Макрон во телефонски разговор на Трамп му укажал дека прашањето за статусот на Ерусалим мора да се реши во рамките на мировните преговори меѓу Израелците и Палестинците, со цел воспоставување на две држави, Израел и Палестина, кои ќе живеат рамо до рамо во мир и безбедност со Ерусалим како главен град“, пишува во соопштението издадено од Елисејската палата.