Ammar Nas,İsmail Özdemir
23 Јуни 2018•Ажурирај: 24 Јуни 2018
ИСТАНБУЛ (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денеска во Истанбул порача дека ќе бидат преземени сите безбедносни мерки за да утрешните избори во неговата земја бидат спроведени во мир и сигурност, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган им се обрати на собраните граѓани во истанбуската населба Бејликдуз, а во оваа пригода се осврна на актуелните случувања. Во фокусот на обраќањето на Ердоган беа утрешните претседателски избори.
Истакна дека Турција, со уставните промени премина на претседателски систем на водење на државата, и нагласи дека Турција, благодарејќи на овој систем, ќе постигне прогрес и ќе дојде над нивото на модерните цивилизации.
Претседателот Ердоган се осврна и на надворешната политика на Турција и истакна дека неговата земја, во надворешната политика, веќе не е земја која слуша нечии наредби, туку дека е активна „и на маса и на терен“.
Ердоган се осврна на наводите на челниците на опозициската Републиканска народна партија (ЏХП), претседателот на партијата, Кемал Килиџдардоглу и претседателскиот кандидат Мухарем Инџе, во врска со безбедноста на овие избори.
Нагласи дека Турција е правна држава и дека се преземени сите безбедносни мерки за утрешните избори, вклучувајќи ги и регионите во југоистокот на земјата.
„Господине Мухарем, господине Кемал, сакам да ви кажам дека Турција, пред сè, е правна држава. Во последните 16 години немавме нарушување на изборите, со исклучок на терористичките региони на југоистокот. Во тие региони овие години ги презедовме сите неопходни мерки. Во случај терористите да бидат закана за изборниот процес, ќе им се качиме на врат“, рече Ердоган.
Говорејќи за целите на Турција во наредниот период, Ердоган истакна:
„Турција ќе се качува кон местото на кое се најразвиените земји во светот, Америка и Русија. Ќе бидеме меѓу првите 10.“