Atakan Çelik
24 Март 2017•Ажурирај: 25 Март 2017
ДЕНИЗЛИ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Денизли изјави дека целта на воведувањето претседателски систем во неговата земја е да се поведе напред националната, домашна , демократска, либерална и просперитетна Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган го посети западниот турски град Денизли, а во обраќањето пред собраните граѓани на Плоштадот на хероите од 15 јули се осврна на актуелните случувања.
Зборувајќи за престојниот референдум за уставни промени, кој во Турција ќе биде одржан на 16 април, Ердоган порача дека неговата земја на тој датум ќе донесе историска одлука.
„Всушност, многу е јасно што треба да направиме на тој ден. Дали сакаме нашата земја да продолжи по стариот или сакаме да премине на новиот систем, во тоа е работата. Значи, стар или нов?”, изјави Ердоган, и запраша дали е можна стабилност и безбедност во земја каде што владите се формираат и се распуштаат за девет или 16 месеци.
Тој додаде дека според новиот систем, наредните избори ќе бидат во ноември 2019 година.
„Доколку мојата партија се кандидира и мојот народ ме поддржи, ќе продолжиме да чекориме заедно. Но, доколку поддржат некој друг, тоа лице ќе дојде и ќе ја води државата“, изјави Ердоган.
Кога станува збор за новиот систем за водење на државата, Ердоган нагласи дека целта е да се поведе напред националната, домашна, демократска, либерална и просперитетна Турција.
„Ние тука зборуваме за домашен и национален претседателски систем. Значи, турски тип на претседателски систем. Ние до денес, до ова место дојдовме на демократски начин и нашиот пат ќе продолжи со демократија“, порача Ердоган.
Како изјави тој, се менува системот за водење на државата за посилна Турција, кога е во прашање демократијата, економијата, инвестициите и големите проекти.
„Не се плашиме од новитети и од промени. Турскиот народ низ историјата никогаш не бегал од она што е добро, убаво и корисно, и беше предводник на промени. Верувам дека нашиот народ и сега ќе избере промени“, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.