Sena Güler
26 Ноември 2018•Ажурирај: 27 Ноември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес рече дека Турција и Катар се поддржувале едни со други во тешки времиња и се докажале многупати како вистински пријатели, јавува Anadolu Agency (AA).
„Турскиот народ покажа интензивни напори за прекин на блокадата и санкциите насочени кон своите браќа во Катар“, рече Ердоган на 4. состанок на Високиот стратешки комитет меѓу Турција и Катар во Истанбул.
Во јуни минатата година, Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин колективно ги прекинаа односите со Катар, обвинувајќи го за поддржување на терористички групи.
Групата земји предводени од Саудиска Арабија, исто така, наметнаа и копнена, поморска и воздушна блокада на Катар, при што Ријад го затвори граничниот премин Абу Самра, кој ги поврзува двете заливски држави.
Ердоган додаде дека Доха е најсилниот меѓународен поддржувач на Турција по 15 јули 2016 година, односно по неуспешниот обид за пуч од страна на терористичката организација ФЕТО, во кој загинаа 251 лица, а речиси 2.200 беа повредени.
Со состанокот претседаваа турскиот претседател Ердоган и катарскиот емир Шеик Тамим бин Хамад ал Тани.
Ердоган нагласи дека е горд на нивото на соработка меѓу двете земји на 45. годишнина од дипломатските односи.
„[Катар] застана покрај нас пред шпекулативните иницијативи кои ја имаа за цел нашата економија во последните месеци“, рече Ердоган и се заблагодари на Катар во име на турскиот народ и од свое име.
Ал-Тани, од своја страна, исто така изрази задоволство од нивото на билатерални односи и ја изрази својата волја за зајакнување на соработката на секое поле.
По состанокот, министрите од Турција и Катар потпишаа протокол за стратешка соработка на полето на транспортот, културата, трговијата и економијата.
На состанокот присуствуваа и турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, министерот за одбрана Хулуси Акар, министерот за транспорт и инфраструктура Мехмет Џахит Турхан, министерот за трезор и финансии, Берат Албарак, министерката за трговија, Рухсар Пекџан, како и портпаролот на Претседателството на Турција, Ибрахим Калин.