Hatice Kesgin
11 Ноември 2016•Ажурирај: 11 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека предноста на претседателскиот систем е во тоа што на Турција ќе ѝ даде можност да се развива побрзо, јавува Anadolu Agency (AA).
Во интервју за „Ал Џезеира“, Ердоган изјави дека САД и Русија се два важни примери за претседателски систем, иако нивните работни системи се различни.
„Ајде да воспоставиме претседателски систем во турски стил за Турција. Ова ќе ѝ овозможи на Турција да се развива побрзо, така што стојам зад ова“, рече тој.
Ердоган изјави дека Турција не успеала во периодот кога коалициските влади владееле во земјата.
Уставните промени, односно повикот за претседателски систем беше на политичка агенда уште кога Ердоган, поранешниот премиер и актуелен лидер на АК Партија, беше избран на функцијата во август 2014.
Овие избори беа први во кои турскиот претседател беше одбран директно од гласовите.
Осврнувајќи се на неодамнешниот обид за државен удар и на терористичката организација ФЕТО, тој рече дека терористичката група се развивала во текот на 40-годишен период и барала да ги окупира сите државни институции.
„На 15 јули, се соочивме со државен удар од група а војници кои беа инфилтрирани во вооружените сили“, изјави тој.
Терористичката организација ФЕТО, предводена од Фетула Ѓулен, е обвинета за организирање на обидот за државен удар, како и за долготрајната кампања за соборување на власта преку инфилтрирање во турските институции, особено во армијата, полицијата и судството.
Ердоган ги повика арапските земји каде што сѐ уште има многу членови на ФЕТО, да бидат претпазливи во врска со терористичките активности во нивната земја.
„И тие, исто така, може утре да платат за тоа“, рече претседателот Ердоган.
Тој додаде дека Турција испратила дополнителни документи до САД за екстрадицијата на Ѓулен и за привремено притворање. Бидејќи барањето за екстрадиција беше направено во рамките и стандардите на законот, тој рече дека очекува правниот процес да започне, бидејќи Анкара своето прво барање го поднела во јули.
„Тие (САД) сакаа околу 10 терористи од нас, им ги предадовме. Зошто? Затоа што сме стратешки партнери со нив (САД)“, додаде тој.