Sarp Özer
02 Февруари 2017•Ажурирај: 02 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара изјави дека секој државјанин на Турција кој живее во странство, таму е амбасадор на својата земја од областа на туризмот, и ги повика да ја посетат Турција, но и да ги поведат и своите соседи, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган во Анкара се состана со претставниците од секторот туризам во Турција, а во таа пригода се осврна на плановите на земјата кога е во прашање овој сектор.
Тој истакна дека културата на туризмот во неговата земја со време сѐ повеќе се шири, и додаде:
„Можеме да забележиме колку секторот туризам ги интересира и нашите граѓани. Поради тоа сме особено среќни. Сите тие се елементи врз основа на кои можеме да се надеваме на подобра иднина во туризмот. Нормално дека за сите тие можности се потребни и нови стратегии, нови начини и нови средства“, нагласи Ердоган и додаде дека Турција е решена бројот на туристи во наредниот период да се зголеми за осум милиони.
Тој исто така порача дека Турција сите свои граѓани во странство истовремено ги смета за почесни амбасадори во полето на туризмот, и ги повика на своите соседи во најдобро светло да им ја претстават својата земја.
„Нашите државјани во странство кои доаѓаат за да го посетат своето семејство, роднините и пријателите во Турција, ги повикуваме и дел од својот одмор да го искористат во Турција. Исто така, нашите државјани во странство ги повикуваме да ги поведат со себе во Турција и своите соседи. Поради тоа ја започнавме кампањата ‘Дојди и земи го соседот’“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател додаде дека земјата ќе понуди и поволности во областа на туризмот за вработените во околу 50.000 компании со странски капитал, кои делуваат во Турција.
„Во таа смисла, ќе понудиме поволности не само за вработените на овие компании во Турција, туку и за работниците во нивните центри во странство. Со тоа ги повикуваме најмалку една недела од својот одмор да поминат во Турција“, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.