Sevil Çelik
15 Мај 2016•Ажурирај: 16 Мај 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, порача дека никогаш никому нема да дозволи да предизвика поделби во Турција и додаде дека сите Турци, Бошњаци, Черкези, Курди и сите други народи во неа се едно, една нација од 79 милиони, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател Ердоган присуствуваше на завршната програма на 9-та Меѓународна средба на студенти во Истанбул и притоа во своето обраќање кон присутните истакна дека Турција нема да им дозволи ниту на домашните, ниту на странските фактори во таа земја да предизвикаат поделби и дестабилизација.
„Нема да дозволиме да ја поделат оваа татковина. На тие предавници нема да им дадеме можност да успеат бидејќи ние и со овој знак ,рабија' испраќаме порака на единствена нација. Сите ние, 79 милиони Турци, Бошњаци, Черкези, Грузијци и други, сме едно, една нација”, порача Ердоган.
Осврнувајќи се и на ситуацијата во соседна Сирија, Ердоган кажа дека во таа земја нелегитимниот режим свирепо го убива и го угнетува братскиот сириски народ.
„До денес со барел-бомби, касетни бомби, со тортура и хемиско оружје во Сирија убиени се близу 600.000 Сиријци. Раселени се 13 милиони, а шест милиони од нив ја напуштија Сирија. Терористичките организации ДАЕШ, ЈПГ, ПЈД и други, на кои режимот им го отвори патот и им помогна, спроведуваат етничко чистење и геноцид на подрачјата кои ги окупираа. Сето тоа се случува пред очите на целиот свет. Ние, Турција, никогаш не ги напуштивме браќата од Сирија, туку им ја отворивме вратата и таа за нив и понатаму ќе биде отворена”, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека одредени предавнички кругови се обидуваат со посредство на медиумските сили да ја „оцрнат” Турција, Ердоган рече дека ниту ним нема да им се дозволи да успеат и дека нивните завери и обиди за измама нема да ја одвратат Турција од патот на правдата и вистината.
„Ние секогаш ќе бидеме на страната на загрозените и обесправените. Исправени ќе стоиме на страната на мирот и вистината. Ние својата сила не ја црпиме од медиумите или капиталот, туку директно ја добиваме од молитвите на загрозените кои во молитвите со солзи го наквасуваат сеџадето”, истакна Ердоган.
Ердоган ги критикуваше земјите на Европската унија поради двојните стандарди, како што рече, дволичната политика кон тероризмот и запраша зошто Европа не реагира на ист начин на терористичките напади кои ги изведуваат терористите на ДАЕШ, и на оние кои ги изведуваат терористите на ПКК, ДХКП-Ц или ЈПГ.
„Ете, тврдите дека сте строго против смртните казни и политичките погубувања, па зошто не реагиравте на неодамнешното погубување на Мотиур Рахман Низами во Бангладеш. Зарем тоа не е двоен стандард. Кога ние тоа го правиме и директно в лице критикуваме, веднаш тие господа стануваат и Ердоган го нарекуваат диктатор, а диктатрои за нив не се оние кои го погубија Низами, ниту пак оние кои тоа немо го гледаат”, нагласи турскиот претседател Ердоган.