Atakan Çelik
13 Февруари 2018•Ажурирај: 14 Февруари 2018
АНКАРА (AA) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара порача дека НАТО не е еднаков на САД и дека секоја земја-членка на НАТО е подеднаква со САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател денес имаше обраќање пред членовите на клубот на пратеници на Партијата за правда и развој (AK Parti) во парламентот, и притоа се осврна на актуелните прашања.
„Какво е ова членство во НАТО, за какво партнерство во НАТО се работи. Ако сме заедно во НАТО, тогаш треба да се знае дека колку што Турција треба да се придржува до членството и одредбите на НАТО, толку кон тоа треба да се придржува и Америка. Како претседател на Турција би сакал да истакнам дека НАТО не е еднаков на САД. Секоја земја-членка на НАТО е подеднаква со САД“, порача Ердоган.
Тој порача дека се лажат оние кои прават одредени планови поврзани за Кипар и Егејското Море, мислејќи дека вниманието на Турција моментално е насочено кон случувањата во јужниот дел на земјата.
„Нека не се мисли дека ние не ги забележуваме потрагите по природен гас во водите околу Кипар и опортунистичките иницијативи во Егејското Море. Оние кои сакаат да го искористат фактот дека нашата земја е фокусирана на случувањата на југот, уште еднаш ги предупредуваме да не прават погрешни проценки и планови во Кипар и Егејското Море. Бидејќи, како што низ операциите 'Штитот на Еуфрат' и 'Маслинова гранка' ги спречивме оние кои имаа погрешни планови во јужниот дел на нашата земја, како што тоа ќе го направиме во Мунбиџ, исто така тоа ќе биде сторено и во другите региони“, порача Ердоган.