свет

Ердоган и Путин договорија демилитаризирана зона во Идлиб

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган изјави дека хуманитарната катастрофа во сирискиот Идлиб е спречена со договор кој го постигнаа Турција и Русија.

Diyar Güldoğan  | 17.09.2018 - Обновена : 18.09.2018
Ердоган и Путин договорија демилитаризирана зона во Идлиб

Sochi

СОЧИ (AA) - Турција и Русија постигнаа договор во провинцијата Идлиб на северозападот на Сирија да биде воспоставена демилитаризирана зона, јавува Anadolu Agency (AA).

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган изјави дека хуманитарната катастрофа во Идлиб е спречена со договор кој го постигнаа Турција и Русија.

„Се договоривме за воспоставување на неконфликтната зона помеѓу териториите кои се под контрола на опозицијата и (Асадовиот) режим. Хуманитарната криза во Идлиб е спречена со договорот помеѓу Турција и Русија", рече Ердоган на конференцијата за медиуми по состанокот со претседателот на Русија Владимир Путин во рускиот град Сочи.

Турција и Русија по состанокот потпишаа и Меморандум за разбирање за стабилизација на ситуацијата во зоната на деескалација на судирите во Идлиб.

Меморандумот за разбирање повикува на стабилизација на ситуацијата во зоната на деескалација на судири во Идлиб, со што е забрането вршење на напади.

„Верувам дека со овој Меморандум спречивме голема хуманитарна катастрофа во Идлиб. Турција, како што тоа го правеше од почетокот на кризата во Сирија, и во случајот со Идлиб ќе продолжи да го извршува својот дел на работата", рече турскиот претседател, додавајќи дека на состанокот е договорено дека Москва ќе ги преземе сите мерки за да не дојде до напади врз неконфликтната зона во Идлиб.

„Русија ќе ги преземе потребните мерки за да ги спречи нападите на неконфликтната зона во Идлиб. Русија и Турција ќе спроведуваат координирани патроли од двете страни на границата на демилитаризираната зона во Идлиб", рече Ердоган.

Истакна и дека Анкара очекува од Москва повторно да воведе „безвизен режим" за граѓаните на неговата земја.

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека турските и руските војници ќе воспостават „заеднички механизам" во Идлиб, додавајќи дека Русија и Турција успеале да постигнат сериозни договори за сирискиот град.

„Русија и Турција се согласија околу воспоставување на демилитаризирана зона од 15-20 километри во Идлиб", рече Путин, напоменувајќи дека демилитаризираната зона ќе биде воспоставена до 15 октомври.

Нагласи и дека од Илиб ќе биде „повлечено тешкото вооружување" како и вооружување на групи, вклучувајќи го и Ал-Нусра Фронтот.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека нема да биде изведена воена операција врз сирискиот Идлиб.

По состанокот на Ердоган и Путин во Сочи, Шојгу на новинарите им рече дека нема да има воена операција врз Идлиб.

„Воената операција врз Идлиб нема да биде изведена. Деталите за ова прашање во наредните часови ќе бидат искоординирани со сириската страна", рече Шојгу.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın