Seval Ocak Adıyaman
27 Ноември 2018•Ажурирај: 28 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика Русија и Украина да ги решаваат проблемите со дијалог, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот претседател и претседател на Партијата за правда и развој (АК Партија), се обрати денес во Клубот на пратеници во Големото народно собрание, а обраќањето започна со оддавање почест на четворицата турски војници кои загинаа во вчерашната хеликоптерска несреќа во Истанбул.
Ердоган ги коментираше растечките тензии меѓу Русија и Украина по неделниот инцидент во Керченскиот Теснец и изрази жалење поради новата криза во Црното Море.
Тој изрази загриженост поради обновувањето на руско-украинските несогласувања, откако во изминатиот период се создаде впечаток дека тие се смириле.
„Како земја која е близок пријател и негува добри односи и со Русија и со Украина, сакаме Црното Море што побрзо да стане море на мирот. Затоа го повторуваме повикот на пријателите во Русија и Украина да ги решаваат проблемите со дијалог“, порача Ердоган.
Истакнувајќи дека светот се соочува со сериозни политички, економски и воени закани, Ердоган изјави дека би бил среќен Русија и Украина да ги види една до друга, а не меѓусобно спротивставени.
„Сакам да кажам дека сметаме оти на народите на Русија и Украина би им било корисно да ги обноват добрите односи кои ги имаа низ историјата“, порача Ердоган.
Турскиот претседател понатаму изјави дека земјата поминува низ важен период на политички, регионални и глобални предизвици, и додаде дека интензивно се залага за одбрана на своите права во Егејското Море, во Медитеранот и кога станува збор за кипарското прашање.
„Отворено порачувам дека се осудени на пропаст сите обиди на оние кои сакаат да ја спречат Турција во одбрана на нејзините права во Егејското Море и на Кипар. Одлучни сме своите права да ги оствариме врз основа на меѓународното право и адекватно да им одговориме на оние кои ќе ни се спротивстават на тој пат“, изјави Ердоган.
Тој исто така порача дека Турција нема да дозволи економската и политичката доминација на Медитеранот да ја градат земји кои немаат право на тоа.
„Оние кои трепераа пред мигрантскиот бран, одеднаш стануваат лавови кога станува збор за нафтата, гасот и политички ренти. Од една страна ја имаме Турција која згрижува 4,5 милиони бегалци, а од друга страна ги имаме и оние кои во водите на Средоземното и Егејското Море погребуваат луѓе кои пловат со чамци. Кој е тука на страна на човештвото и човековите права? Сити сме од тие игри кои и претходно ни беа сервирани. Нема да се откажеме од нашите права на истокот на Медитеранот и во другите регии, и до крајот ќе ги браниме правата на нашиот народ и нашите пријатели“, изјави Ердоган.