Ali Eyvaz
30 Октомври 2018•Ажурирај: 31 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека завршиле со подготовките за операциите на источната страна од реката Еуфрат, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ќе го уништиме и терористичкото структурирање во источниот дел на Еуфрат. Во врска со тоа, ние ги завршивме нашите подготовки, планови, и програми. Дури, во изминатите денови ги започнавме и интервенциите во пракса“, рече Ердоган на состанокот на парламентарната група на АК Партија.
„Наскоро ќе ја згазиме терористичката организација со посеопфатни и поефективни операции“, додаде турскиот претседател. Ердоган изјави дека Турција не може да гледа со доверба во иднината, без да го реши прашањето за Сирија. „Силите што ги користат терористичките групи како алатка за постигнување на своите цели, се обидуваат да ја оживеат ДЕАШ во Сирија“, рече Ердоган.
Тој изјави дека Турција никогаш нема да им дозволи да ја воведат Сирија во хаос, со поттикнување на режимот или заживување на ДЕАШ во регионот. „Ниту луѓето во регионот, ниту светот верува во играта на ДЕАШ“, рече Ердоган.
Одговарајќи на прашањата на новинарите по состанокот, Ердоган изјави дека случајот со убиството на саудискиот новинар Кашоги треба да биде решен.
„Не постои смисла во обидувањето да се заштитат овие виновници“, изјави турскиот претседател и додаде дека нема да замижат пред случајот со Кашоги.
„Доколку се претвориме во слепи во врска со ова прашање, ќе имаме заеднички долг против човештвото, долг на совест“, рече Ердоган.
Саудискиот новинар и колумнист во весникот „Вашингтон пост“ (The Washington Post), Џамал Кашоги, исчезна по влегувањето во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
По неколкунеделно негирање дека имаат какви било сознанија за Кашоги, саудиските власти признаа дека новинарот е убиен при наводна расправија во просториите на Конзулатот.
Истрагата за убиството и понатаму е во тек, а главна задача е пронаоѓање на посмртните останки на Кашоги и утврдување на одговорните за убиството.