Fatih Hafız Mehmet
30 Јануари 2019•Ажурирај: 31 Јануари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Специјалната известувачка на Обединетите нации (ОН) за вонсудски погубувања, Агнес Каламард, која го истражува убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, денес во Истанбул одржа двочасовен состанок зад затворени врати со официјалните претставници, новинари и невладини организации, јавува Anadolu Agency (AA).
Таа го предводи тимот на експерти во меѓународната истрага за убиството на Џамал Кашоги.
Новинарот и автор на книгата „Дипломатска суровост - мрачните тајни од убиството на Џамал Кашоги“, Ферхат Унлу, изјави дека ОН прашувале во врска со процесот на убиството од моментот кога се случило до денес.
„Обединетите нации прашаа за истрагата на обвинителството, полицијата и разузнавачката служба за убиството“, изјави Унлу.
„Тие поставија многу специфични прашања на кои одговоривме колку што можеме“, додаде Унлу.
Каламард ќе биде во Турција до сабота.
Саудискиот новинар Џамал Кашоги, колумнист во американскиот весник „Вашингтон пост“, беше убиен во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
Властите на Саудиска Арабија дополнително признаа дека Кашоги е убиен и дека не го напуштил Конзулатот, како што првобитно тврдеа.
Турското Обвинителство откри дека тој бил брутално задавен по влегувањето во Конзулатот и дека неговото тело е исечено на парчиња и уништено.
Властите во Саудиска Арабија подигнаа обвинение против 11 осомничени лица за ова убиство, а тамошното Обвинителство бара изрекување на смртни казни за петмина првообвинети.