Sarp Özer
11 Февруари 2019•Ажурирај: 12 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за национална одбрана на Турција, Хулуси Акар, се состана со неговиот руски колега, Сергеј Шојгу, кој престојува во официјална посета на Анкара, јавува Anadolu Agency (AA).
Акар и Шојгу имаа свои обраќања на почетокот на меѓуделегацискиот состанок.
Турскиот министер Акар изрази задоволство од посетата на Шојгу на Анкара.

Акар информираше дека со Русија имаат контакти на секое ниво, со цел обезбедување и одржување на мирот и стабилноста во регионот, обезбедување примирје, како и во насока на заштита на интересите и правата на двете земји и обезбедување на нивната безбедност.
„Денешните средби на некој начин ќе бидат една прелиминарна работа за состанокот меѓу претседателите, кој ќе се одржи на 14 февруари во Сочи. Сметам дека овие работи кои ги правиме се многу значајни, и сметам дека ќе дадат важен придонес за мирот и стабилноста на регионот. Исто така, верувам дека тоа навистина ќе придонесе и кон светскиот мир“, додаде Акар.

Од друга страна, рускиот министер Шојгу упати благодарност до Акар за гостопримството.
„Верувам дека тука ќе разговараме за важни прашања, особено во врска со Сирија. Исто така, верувам дека тука ќе ги комплетираме прелиминарните работи околу прашањата за кои ќе разговараат нашите претседатели во Сочи“, рече Шојгу.

„Нашите експерти во период од 31 јануари до 2 февруари реализираа многу сериозна работа во Москва, и успеаја да постигнат усогласување за клучни прашања. Особено работеа околу прашањата за Идлиб и источниот дел на Еуфрат. Се надевам дека во рамки на денешната посета ќе постигнеме усогласување во врска со главните точки на овие прашања“, нагласи тој.
По говорите, средбата продолжи зад затворени врати, на која присуствуваше и шефот на турската разузнавачка служба МИТ, Хакан Фидан.