İhvan Radoykov
16 Декември 2015•Ажурирај: 17 Декември 2015
СОФИЈА (АА) - Ние не донесовме одлука да го собориме рускиот авион, нашата одлука беше да го заштитиме нашиот воздушен простор. Рускиот авион не е соборен во рамките на рускиот, сирискиот ниту пак меѓународниот воздушен простор, изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу во интервју за бугарската телевизија БТВ, пренесува Anadolu Agency (AA).
Давутоглу, кој престојува во еднодневна посета на Бугарија потсети дека во последните два месеци три пати остварил средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов, што според неговите зборови јасно покажува дека Бугарија за Турција претставува многу важен партнер.
На прашањето во врска со соборувањето на рускиот авион поради нарушување на турскиот воздушен простор, Давутоглу одговори:
“Ние не донесовме одлука да го собориме рускиот авион, нашата одлука беше да го заштитиме нашиот воздушен простор. Рускиот авион не е соборен во рамките на рускиот, сирискиот ниту пак меѓународниот воздушен простор .“
Давутоглу потсети дека руските пилоти 10 пати беа предупредени да не влегуваат во турскиот воздушен простор.
“Нашите воздушни сили 10 пати ги предупредија руските авиони да не го нарушуваат турскиот воздушен простор. Сето тоа е приметено во телекомуникациските системи на земјите на НАТО. Нема што да се крие, се е јасно. Турција има право да го штити својот воздушен простор. Не знаевме дека тоа беше руски авион, наредбата беше да се брани Турија. Исто така, не знаевме која беше целта на авионот без ознаката внатре во нашиот воздушен простор. Можеби сакаше да испушти бомба на нашата територија" , рече турскиот премиер.
Нагласи дека неговата земја не беше таа која произведе напнатост со Русија, како и додека Турција сите свои докази ги покажа, руската страна одби дијалог, започна со воведување на санкции и одлучи да ги зголеми тензиите во односите со Турција.
Се осврна и на острите ставови на рускиот претседател Владимир Путин и на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во врска со кризата околу соборување на авионот.
“Сакам само да го упатам следново: Каде дојде до тоа? На руската граница, руско-сириската граница или руско-турската граница? На која граница се случи? Кој тогаш кого провоцира? ”, праша Давутоглу и рече дека мета на руските авиони во Сирија не е терористичката организација ДАЕШ, туку цивилите.
Премиерот Давутоглу истакна дека доколку постои било каква провокација, тогаш тоа го направија оние кои го нарушиле турскиот воздушен простор.
“Турција не вршеше никаква провокација, ниту некого обвини без докази" рече турскиот премиер.
Во врска со тврдењата дека Турција купува нафта од терористите на ДАЕШ , Давутоглу рече дека тоа се обвинувања на сметка на Турција кои не се точни и дека фотографиите кои наводно тоа покажуваат се лажни.
„Оние кои тоа сакаат да го видат треба да отидат во Дамаск. Таму ќе имаат прилика да ги видат односите на режимот во Дамаск и ДАЕШ, јасно ќе ја види нивната трговија со нафта. Турија никаде во светот нема, ниту имаше било каков однос со терористички организации" , рече Давутоглу.
Нагласи дека постоењето на терористичката организација ДАЕШ највеќе и штети токму на Турција.