Michael Hernandez,Betül Yürük
26 Јуни 2018•Ажурирај: 26 Јуни 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ја повика меѓународната заедница да не ја напушта Организацијата на ОН за помош на палестинските бегалци (UNRWA) која е соочена со голем недостаток на средства, јавува Anadolu Agency (AA).
„Мораме да сториме сè за да биде и понатаму доставувана храната на бегалците, за да продолжат училиштата да работат и луѓето да не изгубат надеж“, порача Гутереш на синоќешната донаторска конференција за UNRWA.
Истакнувајќи дека милиони палестински бегалци во регионот и понатаму сметаат на меѓународната заедница, Гутереш изјави дека на тие луѓе треба да им се ублажи страдањето и да им се помогне во градење подобра иднина.
„Тие сметаат на нас сега. Ве повикувам сите заеднички да ги затвориме недостатоците на средствата за работа на таа агенција“, изјави Гутереш.
UNRWA е агенција која се грижи за протераните Палестинци кои се наоѓаат во Газа, Западниот Брег, Јордан, Либан и Сирија.
На почетокот на оваа година САД ги намалија давањата за UNRWA од 125 милиони на 60 милиони долари поради палестинско непризнавање на американското посредување во какви било мировни процеси на Блискиот Исток, а до кое дојде откако американскиот претседател Доналд Трамп го призна Ерусалим за главен град на Израел.
На учесниците на конференцијата им се обрати и турскиот амбасадор во ОН, Феридун Синирлиоглу, кој ја нагласи важноста на мисијата на UNRWA и ја повика меѓународната конференција да преземе одговорност.
„Мораме да пронајдеме начин на одржливо финансирање на мисијата. UNRWA не е важна само за Палестинците во пет региони, туку и за целиот регион и светот. Турција беше и ќе остане заговорник на мисијата“, порача Синирлиоглу.