Fatih Hafız Mehmet
08 Мај 2018•Ажурирај: 09 Мај 2018
АТИНА (АA) - Грчката Комисија за азил денес го прифати барањето за азил на вториот поранешен турски војник осомничен за вмешаност во неуспешниот обид за пуч во Турција, во јули 2016 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Името на осомничениот не е познато и тој може да биде ослободен од полициската станица во која беше задржан.
Комисијата минатиот декември го прифати барањето на уште еден поранешен турски војник, Сулејман Озкајнакчи, но подоцна грчката влада покрена приговор.
Озкајнакчи беше ослободен кратко откако му беше доделен азил, но повторно беше уапсен поради приговорите од владата.
Но, Грчкиот државен совет на 19 април нареди негово ослободување под строги мерки на забрана сé додека не се донесе одлука за барањата за азил на сите осум осомничени пучисти.
Се очекува Советот да донесе конечни пресуди за барањата за азил на сите осум поранешни турски војници.
Според грчкиот закон, максималниот период на притвор е 18 месеци, кој ќе истече на крајот на мај за сите осомничени.
Осуммината поранешни турски војници избегаа во Грција еден ден по неуспешниот обид за државен удар во Турција, во јули 2016 година. Тие се товарат за вмешаност во државниот удар и за членување во терористичката организација ФЕТО.
Терористичката организација ФЕТО и нејзиниот водач Фетула Ѓулен, кој живее во САД, стојат зад неуспешниот државен удар во Турција, во кој загинаа 250 луѓе, а околу 2.200 беа повредени.
Поранешните војници моментално се наоѓаат во притвор во Грција.