Ayhan Şimşek
13 Јуни 2018•Ажурирај: 14 Јуни 2018
БЕРЛИН (АА) - Германските власти денес објавија дека немаат нови информации за тоа каде се наоѓа најбараниот осомничен за државниот удар во Турција, откако Anadolu Agency (АА) објави дека тој бил виден во Берлин.
Говорејќи на прес-конференција во Берлин, портпаролот на Министерството за надворешни работи соопшти дека прашањето за осомничениот за државниот удар во Турција, Адил Оксуз, е постојана тема во агендата на билатералните разговори.
„Но, во моментов не можам да ви кажам дали има конкретен нов развој во однос на оваа тема“, рече Марија Адебахр.
Во меѓувреме, портпаролката на Министерството за внатрешни работи, Елеонор Петерман, рече дека нема нови информации за ова прашање.
Оксуз (51), висок припадник на терористичката организација ФЕТО, е обвинет за организирање на неуспешниот обид за државен удар во Турција на 15 јули 2016 година.
Предавачот по теологија е во бегство речиси две години.
Турските власти постојано апелираа до германските власти да го уапсат и да го екстрадираат Оксуз, откако добија десетици наводи кои покажуваа дека главниот осомничен за обидот за државен удар се крие во Германија.
Според дипломатски извори, од ноември минатата година, германската полиција активно го бара главниот осомничен за државниот удар, но досега не успеа да го пронајде.
Неколку сведоци неодамна за АА кажаа дека најбараниот човек во Турција престојувал во мал стан во Берлин, под заштита на припадниците на ФЕТО.
Али А., турски бизнисмен од Берлин, осомничен за поврзаност со ФЕТО, обезбедувал финансиска поддршка за групата за изнајмување на станот во берлинската област Нојкелн, изјавија очевидци за АА.
Во Германија, каде што живеат повеќе од 3 милиони турски имигранти, терористичката организација ФЕТО има голема мрежа со десетици приватни училишта, бизниси и медиумски организации.