Andaç Hongur
06 Април 2017•Ажурирај: 06 Април 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - По повод 97. годишнина од основањето на Anadolu Agency (AA), претседателот на Управниот одбор и генерален директор на оваа новинска агенција, Шенол Казанџи, истакна дека таа е основана за да биде глас на народот во периодот на ослободителната војна во Турција и понатаму е гласник на народот, што недвосмислено го докажа и на 15 јули минатата година, за време на предавничкиот неуспешен воен удар што во Турција го изврши терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешен ден, во 1920 година, со одлуката на основачот на Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, основана е новинската агенција Anadolu Agency, а актуелниот челник на таа институција, Казанџи, го честиташе јубилејот на сите вработени на АА и во пораката нагласи дека агенцијата од своето основање е симбол и гласник на отпорот на турскиот народ против непријателите и окупаторите, а дека и денес ја има таа мисија.
Казанџи потсети дека цел на АА во времето на основањето било да го прекине синџирот на пропагандата и медиумските лаги што се ширеле за ситуацијата во Турција, и дека АА речиси еден век ја извршувала задачата и денес е гласник на вистината од сите делови на светот.
АА денес има мрежа на дописници во 84 земји во светот и претплатници во 45 држави. Моментално дејствуваат сервисите за вести на 11 различни светски јазици, а Казанџи најави дека наскоро ќе започнат со работа и сервисите на шпански и на индонезиски јазик.
„Ќе продолжиме одлучно да ја извршуваме задачата на известувањето од сите делови на светот и ќе донесуваме вистински и интересни приказни за своите претплатници, а воедно и на светот ќе му ја пренесуваме приказната на Турција. Денес го славиме 97. роденден на агенцијата. Им честитам на сите членови на нашиот колектив и особено се заблагодарувам за поддршката на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и на премиерот Бинали Јилдирим, како и неговиот заменик Нуман Куртулмуш“,порача Казанџи.