Admir Fazlagikj
22 јануари 2016•Ажурирај: 23 јануари 2016
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - На македонско-грчкиот граничен премин моментално нема бегалци, додека воз со околу 650 бегалци точно на пладне се упати кон граничниот премин Табановце, јавува Anadolu Agency (AA).
Откако беше запрен протокот на бегалци вчера и денеска бегалците ја поминуваат границата откако ќе се изврши нивната регистрација, при што тие сега се обврзани да ја наведат крајната дестинација на нивото патување.
Според активистите кои се вклучени во справувањето со бегалската криза, во наредниот период протокот на бегалци ќе биде лимитиран со цел подобрување на контролата на идентификација на бегалците, бидејќи е забележан значителен број на мигранти кои со фалсификувани документи се обидуваат да ја поминат македонската јужна граница.
Во прифатниот центар за бегалци се присутни и странските полициски службеници кои им помагаат на македонските колеги при процесот на регистрација на бегалците.
-Воз во кој патува надежта-
Од вчера попладне бегалците повторно може да патуваат со железничкиот превоз, откако Словенија го реши проблемот со пругата.
Во редот за влез во возот, кој од Гевгелија ќе се упати кон северниот граничен премин Табановце, е младиот бегалец Јаснин (16) од Иран. Вели дека нивните родители одлучиле да останат во земјата и покрај тешката состојба, но младите се одлучиле да побараат подобар живот во Европа.
"Јас сум Авган од Иран.Тука сум со моите другари. Во мојата држава има војна, состојбата е многу тешка, поради тоа одлучивме да одиме во Германија бидејќи тоа е држава која нè прифаќа и се надевам дека ќе имаме подобар живот", вели младиот Јасин, кажувајќи дека при преминот на македонско-грчката граница морал да ја наведе крајната дестинација на неговото патување.
"Во документите требаше да наведам каде точно сакам да одам. Напишав Германија", вели тој.
Билет за патување со воз има и Авзал Хашими (16) од Авганистан. Поради војната во неговата земја, безбедносната состоjба и немањето перспектива, вели тој, одлучил да ја напушти својата држава.
"Сакам да одам во Австрија, слушнав дека таму прифаќаат бегалци. Состојбата во нашата држава е многу лоша, војната уништи сè, живееме во многу тешки услови, немаме работа. Тука добивме храна, облека, благодарни сме на Македонија за помошта", вели младиот Авзал упатуваќи се кон возот, со верба дека ова патување ќе му донесе подобар живот.
Заедно со својата сестра во прифатниот камп за бегалци пристигна и авганистанката Атифе (20), која со нејзината сестра обезбеди место во возот кој ќе тргне кон Табановце. Раскажува дека нивното патување било многу тешко, 13 дена биле во Гевгелија, но сега е среќна бидејќи го продолжува своето патување со што е поблиску до остварување на нејзината цел.
"Тргнавме на овој пат заедно со мојата сестра. Ние сакаме во Европа, додека нашите родители не, тие останаа во Авганистан. Во Европа сакам да учам, да бидам слободна, тоа е нашата желба, бидејќи во Авганистан жените немаат таква можност", раскажува Атифе.
Според кажувањата на бегалците, тешките услови поради војната состојба во нивните земји и губење на надежта дека состојбата ќе биде подобра се одлучуваат на тешкото и неизвесно патување, како што велат, продолжувајќи го "патувањето во кое патува надежта за подобра иднина".