Gülşen Topçu
15 Мај 2018•Ажурирај: 15 Мај 2018
ГАЗА (АА) - Израелските сили усмртија најмалку 59 Палестинци за време на вчерашните протести на границата на Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за здравство на Палестина соопшти дека како последица од димните бомби и солзавци во Газа синоќа починало осуммесечното бебе Лејла Енвар Гандур.
Илјадници Палестинци се собраа вчера на границата на Газа за да протестираат поради израелската окупација и преместувањето на Американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим (Кудс).
Израелските безбедносни сили со употреба на сила и огнено оружје се обидоа да ги спречат протестите кои ќе продолжат и денес, и притоа убија најмалку 59 Палестинци.
Паралелно со тоа, Организацијата на ОН за помош на палестинските бегалци (UNRWA) најостро го осуди насилството на израелската војска врз палестинските демонстранти.
Во соопштението се наведува дека прекумерната сила е недопустлива во случај на мирни протести, какви што Палестинците организираа на 70-годишнината од масовниот прогон на тој народ, познат како Накба.
„Газа веќе една деценија е во целосна блокада и постојано средиште на немири, а вчерашното насилство врз демонстрантите е нова траума во тој регион“, се наведува во соопштението.
Истакнувајќи дека UNRWA ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата во Газа, во соопштението на оваа организација се наведува дека од почетокот на палестинските протести на границата на Газа загинале четири, а се ранети 125 деца што следат настава на училиштата под покровителство на UNRWA.
Повикувајќи на независна меѓународна истрага за насилството во Газа, UNRWA предупреди дека во спротивно насилството би можело да продолжи.