Zülfiya Yakup
03 Април 2016•Ажурирај: 03 Април 2016
ЛЕПОСАВИЌ (АА) - Српскиот премиер Александар Вучиќ пристигна утринава во посета на северниот дел на Косово, јавува Anadolu Agency (АА).
Вучиќ на Косово пристигна преку граничниот премин Јариње, а првата посета на српскиот премиер беше рудникот Трепча во Лепосавиќ, каде што е пред погонот за флотација го поздравија над 1.000 жители и работници од рудникот.
По обиколка на објектот, Вучиќ рече дека Трепча e столбот на опстанокот на српскиот народ во северниот дел на Косово и им се заблагодари на жителите од северот што секогаш ја штителе Трепча, додавајќи: "бидејќи ние сме свои на своето."
Српскиот премиер во оваа пригода рече дека Србија политички ќе се бори за да не ја изгуби Трепча.
"За Трепча се обидувавме да разговараме во Брисел, но тоа беше одбиено. Стравуваме дека Приштина може да усвои закон за Трепча, со што тој комбинат би станал сопственост на Косово ", рече тој, ветувајќи дека српската влада ќе инвестира во Трепча и во други компании.
Во обраќањето на рударите и мештаните на Лепосавиќ, Вучиќ нагласи дека "Белград својот народ во Косово никогаш нема да го напушти", бидејќи тие секогаш ќе бидат дел од "нашата држава".
Инаку, Вучиќ за време на неговата посета на Косово, го обезбедува косовската полиција. Во пресрет на посетата, утрово околу три часот, како што јавија српските медиуми, во салата во Зубин Поток, каде што Вучиќ денеска треба да одржи говор, била фрлена експлозивна направа и биле слушнати пукотници. Во овој инцидент наводно немало повредени.
"Оние кои фрлија гранати и пукаа од своите калашникови, сакајќи да ме исплашат, во тоа не успеаа, затоа што ние сме се силни и тоа е важно за Србија да биде силна држава, со цел да го брани своето јас", рече Вучиќ.
Посетата на српскиот премиер и лидер на Српската напредна странка (SNS) во Косово доаѓа во време на предизборна кампања пред парламентарите избори во Србија закажани за 24-ти април.
Градот Лепосавиќ во пресрет на доаѓањето на Вучиќ е украсен со српски знамиња и билборди на кои пишува: "Премиеру на Владата, добредојдовте на српското Косово".
По Лепосавиќ Вучиќ ќе го посети манастирот Бањска каде што ќе се сретне со владиката Рашко-призренски Теодосије и игуменот Данило. Потоа, тој ќе ја посети Митровица, каде што ќе го разгледа болничкиот центар.
Иако Канцеларијата за Косово при Владата на Србија не ја објави деталната агенда на посетата, неофицијално се дознава дека од Митровица српскиот премиер ќе замине за Зубин Поток и ќе го посети езерото Газивода.
Во придружба на премиерот Вучиќ се министрите на Владата на Србија, Александар Вулин и Вања Удовичиќ, шефот на Канцеларијата за Косово, Марко Ѓуриќ и српските министри во косовската Влада Љубомир Мариќ и Далибор Јевтиќ.