Etem Geylan
06 Март 2016•Ажурирај: 07 Март 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Третиот мост преку Босфорот би требало да биде отворен во август оваа година, најави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во текот на посетата на градилиштето на мостот „Јавуз Султан Селим”, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган потсети на изјавите на поединци од 2013 година, дека мостот нема да биде довршен.
„Рековме дека Европа и Азија ќе ги споиме со мостот „Јавуз Султан Селим” и дека тоа ќе биде нашата најважна порака до светот”, потсети Ердоган.
Претседателот Ердоган говореше и за успехот на подземната железница „Мармарај” која ги поврзува двата континента. Како што рече, оваа железница до денес ја користеле 130 милиони патници.
„Пред нас се наоѓа и Евроазискиот тунел, кој се довршува, а би требало да биде готов до крајот на годината”, рече Ердоган и додаде дека тој дополнително треба да го растовари сообраќајот помеѓу Европа и Азија.
Тунелот е подводна патна комуникација под мореузот Босфор, кој ќе ги спои континентите Европа и Азија.
Премиерот на Турција, Ахмет Давутоглу, кој исто така го посети градилиштето на третиот мост на Босфорот, рече дека овој мост е значаен проект за иднината на Истанбул и генерациите кои доаѓаат.