Büşra Nur Bilgiç
20 Февруари 2019•Ажурирај: 21 Февруари 2019
ДИЈАРБАКИР (АА) - Историските цркви во источна Турција, кои пред четири години ги уништија терористите на ПКК, ќе ги обнови турската Влада, соопштија денес официјалните претставници, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството за заштита на околината и урбано планирање стапи во контакт со Генералната дирекција на вакуфи (VGM), која управува со верските заедници, откако христијанската заедница рече дека не e во можност да ја плати обновата на две цркви.
Црквите „Св. Гирагос“ и „Мар Петјун Келдани“ во округот Сур, во областа Дијарбакир, датираат од 14 и 17 век.
Во разговор за АА, гувернерот на областа, Абдулах Чифтчи, изјави дека Сур одржува долга турска историја на меѓуверска хармонија.
Џамиите „Фатих-паша“ и „Шејх Мухта“, историското минаре „Дорт Ајакли“ и ерменската протестантска црква во областа веќе се обновени.
„ПКК нема почит кон религиските вредности, што го покажа со уништувањето на џамиите и црквите. Наскоро ќе почнат работите за обнова на уште две цркви. Ги гледаме вредностите на другите религии како свои и се трудиме да ги заштитиме. Тие се дел од нашата цивилизација и заслужуваат почит. Сите делови на овие историски места за богослужба ќе бидат поправени и отворени за верниците“, изјави Чифтчи.
За време на терористичката кампања против турската држава, која трае подолго од 30 години, ПКК која Турција, САД и ЕУ ја окарактеризираа како терористичка организација, е одговорна за смртта на речиси 40.000 лица.
Метин Евсен, регионалниот директор на Генералната дирекција на вакуфи (VGM), истакна дека напорно работат на поправка на црквите кои ПКК ги уништи.
„Обновата на ерменската протестантската црква е завршена минатата година, додека обновата на ерменската католичка црква сè уште е во тек. Овие две рестарвации чинат околу 1,8 милиони долари“, изјави Евсен.
Црквата „Св. Гирагос“ е изградена во 1376 година и е позната како најголемата ерменска црква на Блискиот Исток. За време на Првата светска војна германската војска ја користеше како штаб, а по војната е претворена во складиште.
Меѓу шеесеттите и осумдесеттите години од минатиот век ерменската заедница го врати сопствеништвото над црквата, но поради масовните миграции од урбаните подрачја беше пуста неколку години. Обновена е и повторно отворена во октомври 2011 година, но потоа ја уништија терористите на ПКК.