Ali Kemal Akan
25 Јануари 2018•Ажурирај: 26 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Заменик-премиерот и портпарол на Владата на Република Турција, Бекир Боздаг, изјави дека никој не може да ја преиспитува искреноста и одлучноста на Турција во борбата против терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Боздаг денес во Анкара изјави дека дошло време за извршување и на конкретната борба против тероризмот и дека повеќе нема време за празни разговори.
„Едноставен е патот доколку САД сакаат солираност со Турција. Ќе го запрат испраќањето оружје на терористите, ќе го соберат сето оружје дадено на терористите на ПЈД/ПКК и ќе им кажат да не ја напаѓаат Турција и да се повлечат источно од Еуфрат“, изјави Боздаг.
Тој исто така рече дека никој нема право да ја преиспитува и одлуката на Турција за покренување на операцијата „Маслинова гранка“, која турските сили ја спроведуваат од саботата.
„САД мора да ја запрат поддршката на терористите на ПЈД/ПКК доколку не сакаат директно да се судрат со Турција, а велат дека тоа не го сакаат, а и ние секако не го сакаме тоа“, порача Боздаг.
Заменик-турскиот премиер Боздаг исто така изјави дека операцијата „Маслинова гранка“ ќе трае сè додека не биде неутрализиран и последниот терорист на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во регионот.
Тој го коментираше и предлогот на американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, за воспоставување на 30 километри широка безбедносна зона во северниот пограничен појас на Сирија.
„Безбедносната зона е тема за разговор, но тема на разговор не може да биде запирањето на операцијата 'Маслинова гранка'“, порача Боздаг.
Турските сили и Слободната сириска војска на 6. ден од операцијата „Маслинова гранка“ напредуваат кон центарот на Африн од север, запад и северозапад, а досега ослободија најмалку 14 точки.
Операцијата во Африн е започната во рамките на правото на Турција засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на член 51 од Договорот на ОН, односно на Правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, во јули 2012 година, без судири ја предадоа контролата врз Африн на терористите на ПЈД/ПКК. Тој стана еден од главните центри на оваа терористичка организација.
Терористите на ПЈД/ПКК моментно под окупација држат 65 отсто од сириско-турската граница, а во Африн се наоѓаат меѓу 8 000 и 10 000 терористи.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК која е на листата терористички групи во Турција, САД и Европската Унија. Од средината на 1980-тите години, ПКК води терористичка кампања против Турција.