Kemal Karadağ
04 Август 2016•Ажурирај: 05 Август 2016
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за правда, Бекир Боздаг порача дека на генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, му пренел дека не се задоволни со реакциите што Западот ги упатил во ноќта на обидот за државен удар во Турција, јавува Anаdolu Agency (AA).
Боздаг денес се состана со Јагланд, кој се наоѓа во посета на Турција, а по состанокот изјави дека му пренел дека се тажни бидејќи од Западот не добиле очекувани реакции во ноќта на 15 и 16 јули.
Турскиот министер истакна дека Јагланд е првото официјално лице од Европа кое ја посетило Турција по обидот за државен удар. Според неговите зборови, Јагланд на состанокот изразил тага поради обидот за пуч и му честитал на турскиот народ за реакцијата и спротивставувањето на обидот за државен удар и за тоа што останале на страната на демократијата.
„Разменивме мислења во врска со некои теми кои се актуелни во ова време. Разговорот протече во позитивна атмосфера. Разговаравме за тоа како се справивме и што преживеавме во обидот за пуч”, изјави Боздаг.
Боздаг му се пожали на Јагланд дека од Западот не добиле реакции какви што очекувале во ноќта на обидот за пуч. Турскиот министер порача дека во наредниот период ќе продолжат консултациите со Советот на Европа.
Јагланд се наоѓа во посета на Турција, а вчера изјави дека организирал посета во Анкара за јасно да ја искаже поддршката и солидарноста на демократските институции на таа земја.