Kristina Maslareviç
01 Март 2016•Ажурирано: 02 Март 2016
БЕЛГРАД (АА) – По состанокот на директорите на полициите и началниците на управите на граничните полиции на Србија, Австрија, Хрватска, Македонија, Словенија, како и претставници на Унгарија и Холандија на темата „Управување со мешовитите миграциски текови”, заменикот директор на полицијата на Србија, Владимир Ребиќ, рече дека денес е извршена анализа и утврдени се одредени проблеми во спроведувањето на заедничката изјава од Загреб како и за изнаоѓање на начини за надминување на предизвиците на рутата на движење на мигрантите, јавува Anadolu Agency (AA).
„Директорите на полициите излегоа со заеднички предлог одржливи решенија, кои пред сè ја имаат в предвид специфичноста на ситуацијата во која се наоѓаат мигрантите на оваа траса, но и човековите права кои им се загарантирани со меѓународните прописи. Во согласност со тоа постигнат е начелен договор за понатамошно прифаќање на мигрантите, нивниот трансфер по оваа рута, но со договор за задолжително почитување, односно транспарентност во пристапот на процедурата за азил на сите земји кои се наоѓаат на рутата”, рече Ребиќ.
Тој додаде дека е договорено и интензивирање на соработката со почитување и меѓусебна поддршка но и со воспоставување заеднички стандарди кои прес сè се однесуваат на регистрација на мигрантите, нивното заедничко профилирање, нивно понатамошно прифаќање и трансфер.
„Се сложивме дека за решавање на мигрантската криза неопходно и важно е понатамошното јакнење на контролата на границите, како на земјите на рутата на движењето така и на земјите кои се потпираат на рутата на движење, сè со цел спречување на илегалните миграции со кои се соочуваме”, наведе Ребиќ на заедничката прес-конференција.
Ребиќ рече дека нивна задача е на „мигрантите да им се обезбеди непречено движење во ситуација кога имаат право на тоа, односно да ги спречат сите можни злоупотреби на механизмите на меѓународна заштита.”
„Полицијата во Македонија не ги затвори границите, не пропуштаме илегални мигранти, а се пропуштаат онолку колку што колегите во Србија може да прифатат”, рече директорот на македонското БЈБ, Горанчо Савевски и додаде дека ситуацијата на македонската јужна граница може да биде и полоша. Тој кажа дека денес имале оперативен состанок на кој не успеале да донесат одлука за бројот на мигранти кои ќе бидат пропуштани.
„Овој проблем не може да го реши само една земја, ниту три или четири. Ова е европски проблем и потребно е сеопфатно решение. За Република Македонија е посебно важно оваа изјава да се потпише и од колегите од грчката полиција и Грција активно да учествува во решавањето на овој проблем”, наведе Савовски.
Генералниот директор за јавна безбедност на Република Австрија, Конрад Коглер, рече дека Австрија моментално прави сè за да остане во рамките на 37.500 бегалци кои може да ги прими и додаде:
„Тоа значи да соработуваме со сите земји од балканската рута за да не се случи преголем притисок врз секоја од тие земји. За сите нас е многу важно во овој процес да ги вклучиме Грција и Германија”.
Во Загреб на 18-ти февруари, заедничка изјава за начинот на постапување кон мигрантите и нивното движење на западно-балканската рута потпишаа директорите на полициите на Србија, Македонија, Хрватска, Словенија и Австрија, а со таа изјава се предвидува поголема контрола на миграцијата како и заедничко профилирање на бегалците што доаѓаат од подрачјата зафатени со војна.