Besar Ademi,Cuneyt Davut
24 Март 2016•Ажурирај: 25 Март 2016
ИДОМЕНИ/КУКУШ (АА) - Илјадници бегалци од кампот за бегалци во Идомени веќе почнаа да се преселуваат во други кампови изградени во близина на Идомени поради лошите услови за живот во кампот и безнадежноста за отворањето на границите на Балканската рута, јавува Anadolu Agency (AA).

Покрај бензинските пумпи кои се наоѓаат вдолж главниот автопат што ги поврзува Македонија и Грција, почнувајќи од преминот „Евзони” до грчкиот град Солун, постојат илјадници бегалци сместени во шатори.
Иако бегалците го напуштаат Идомени, сè уште се надеваат дека еден ден ќе им се даде можност да го продолжат патувањето кон европските земји. Тие велат дека во Идомени, поради големиот број на бегалци тешко се преживува, додека во камповите каде што се преместувани, различни меѓународни организации им ги овозможуваат сите потреби за живот.

Во Кукуш, град на околу 20 километри од Идомени, во моментов се наоѓаат околу 3 илјади бегалци, меѓу кои и Јасер од Ирак. Тој рече дека две недели останал во Идомени, каде што бегалците се соочуваат со големи тешкотии дури и за добивање храна.
„Во Идомени останав околу две недели. На тоа место имав проблеми со наоѓање на место за спиење, но исто така и за храна. Јас не мислам да се вратам повторно таму, ќе чекам во кампот додека не се отвори границата”, рече Јасер.

Абдулазиз од Сирија, кој се преселил од Идомени, исто така, рече дека во споредба со кампот во Идомени, во Кукуш ништо не им недостасува.
„Германија или во која било друга земја, јас не бирам. Само сакам да одам на некое место каде што ќе бидам на безбедно. Пред 17 дена се регистрирав во програмата на ЕУ за релокација и чекам одговор. Јас ќе чекам во кампот додека да стигне одговорот за продолжување кон Европа”, рече Абдулазиз.
Од друга страна, во и надвор од кампот за бегалци во Идомени околу 12 илјади бегалци се сместени во шатори и живеат во неповолни услови за живеење.
Хуманитарните организации велат дека тие немаат капацитет за обезбедување на основните потреби поради преполниот камп, а бегалците продолжуваат да се надеват дека еден ден ќе бидат прифатени во Европа.