Ekipa
27 Декември 2018•Ажурирај: 28 Декември 2018
ИЛДИБ (АА) - ЕШРЕФ МУСА/БУРАК КАРАЏАОГЛУ -
Десетици илјади бегалци престојуваат во бегалските кампови на северниот дел на Сирија, во близина на границата со Турција, а многумина од нив оваа година во тешки услови ја дочекуваат зимата во камповите, пишува Anadolu Agency (AA).
Хуманитарните организации оваа година помош за затоплување успеаја да обезбедат за само 20 отсто од бегалците во камповите. Оние до кои таа помош не стигнала, иако свесни дека тоа е опасно за нивното здравје, за да се стоплат, за огрев користат пластика и најлон. Често се случува за огрев да ја користат и облеката од нивните деца.

Ум Ахмет, 43-годишна Сиријка од градот Хама, престојува во бегалскиот камп „Семе на револуцијата“, во близина на Идлиб.
„Понекогаш деновите ги поминуваме во болница. Се обидуваме да набавиме лекови. Не сме во состојба да набавиме печка, немаме пари. За да се стоплиме често за огрев ја користиме и сопствената облека“, истакна Ум Ахмет.

Ахмет Абу Сулејман, кој исто така престојува во истиот камп, истакнува дека децата во кампот се често болни.
„Зимата е тешка. Немам можност да се вработам. Кога би нашол работа, би пронашол начин да се стоплиме. За огрев користиме картони, најлони, гума, пластика, што и да најдеме. Во моментите кога не сме во состојба да пронајдеме нешто за огрев, ја користиме и облеката на нашите деца“, порача Сулејман.
Голем број деца во кампот кои не одат на училиште, наместо тоа, во и надвор од кампот секојдневно трагаат по работи кои ќе ги користат за огрев за да му овозможат на семејството да се стопли.

Касим Сукаир од Хама има само 8 години. Времето во кампот го поминува трагајќи по најлон, пластични ќесиња и обувки, кои подоцна ќе ги користи за огрев.
Истото го прави и 10-годишниот Селим Џунејд.
„Од утро до мрак бараме најлон. Никој не ни дава огрев, немаме пари да купиме“, изјави Џунејд, и додава дека неговиот брат се разболел поради чадот кој го вдишува.

„Во болницата доаѓаат голем број луѓе со респираторни проблеми, особено бремени жени и деца. Откако ќе се извршат сите прегледи, доаѓаме до заклучок дека овие проблеми претежно настануваат поради несоодветни методи на загревање“, изјави за АА доктор Абдула Амури.
Тој упати повик да им помогне на жителите во кампот.