Abdolsalam Salimipoor
31 Декември 2017•Ажурирај: 01 Јануари 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Абдулселам Салимпор -
Иран веќе неколку дена е средиште на масовни протести на граѓаните кои се незадоволни од политичката и економската ситуација во земјата.
Демонстрантите во разни ирански градови протестираат поради сиромаштијата и невработеноста, а бранот протести започна спонтано, без повик од кој било политички субјект.
Протестите започнаа во четвртокот, во вториот по големина град на Иран, Мешхед, а потоа следеа масовни собири во Нишабур, Шахруд, Кирманашах, Ком, Рашт, Казвин, Зихадан, Ахваз и во други градови. Вчера и студентите ги поддржаа протестите со собир во кампусот на Универзитетот во Техеран.
До протестите дојде спонтано, а за претходник на масовните собири може да се сметаат помалите протести кои во текот на годината ги организираа граѓаните кои останаа без своите заштеди и инвестиции во околу 6.000 пропаднати финансии компании.
Се претпоставува дека станува збор за милиони оштетени граѓани, чиј глас властите во Техеран не го слушнаа сѐ додека не пламна бранот масовни протести.
На бранот протести што започна во четвртокот се приклучија и голем број сиромашни и незадоволни Иранци, како и претставници на иранската опозиција. Така, трите категории излегоа на протестите кои од иранските власти бараат подобрување на животните услови и поефикасна борба против сиромаштијата.
Треба да се напомене дека демонстрантите свесно укажуваат на тоа дека иранската економија е во директна поврзаност со надворешната политика на земјата и бараат поголемо залагање на официјален Техеран за отворање на пазарите.
„Не ги трошите нашите пари во Сирија, Газа и во Либан“, „Народот спадна на просјачки стап“, се само некои од слоганите што демонстрантите ги извикуваа во протестите низ иранските градови.
Демонстрантите од владата на Иран бараат повеќе да се занимава со проблемите на Иранците во својата земја, а воедно се молат за шахот Реза-шах Пахлави, кого го сметаат за симбол на модернизацијата на Иран.
Иранските разузнавачки и безбедносни служби имаа информации дека може да дојде до масовни протести, но одлучија да не користат мерки на притисок во однос на спречувањето на собирите со цел да не предизвикаат нови ерупции.
Иранското Министерство за внатрешни работи протестите ги прогласи за нелегални, но полицијата и Револуционерната гарда не го спречија новното одржување.
Речиси сите финансиски компании кои прогласија банкрот се во сопственост на конзервативното иранско милје, и сé уште е неизвесно како Иранците ќе ги вратат своите средства.
Токму поради оваа неизвесност, бранот протести во Иран може да потрае бидејќи е јасно оти властите не можат да ги преземат долговите на пропаднатите компании. Повеќето аналитичари се изненадени од фактот што на удар на демонстрантите се најдоа и двете политички струи во Иран, и конзервативците и реформистите.
Иранскиот претседател и лидер на иранските реформисти, Хасан Рохани, во весникот „Иран“, изјави дека недобронамерните организатори го злоупотребуваат народот и си поигруваат со него заради лични интереси. И иранскиот потпретседател, Исак Џихангири, смета дека економските прашања се само плашт под кој се одржуваат протестите заради остварување на прикриени политички цели.
Од друга страна, конзервативното милје лојално на иранскиот верски погравар, ајатолахот Хамнеи, смета дека сплеткарите се обидуваат да ја злоупотребат сиромаштијата на еден дел од народот заради остварување политички цели.