Nazlı Yüzbaşıoğlu
07 Август 2018•Ажурирај: 08 Август 2018
АНКАРА (AA) - И покрај напнатоста во односите, САД остануваат цврст пријател и сојузник на Турција, соопштено е денес од Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Анкара, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од Американската амбасада во Турција денес ги отфрлија наводите на еден од функционерите на САД во врска со предвидувањето дека вредноста на доларот би можела да достигне седум турски лири.
„И покрај напнатоста во односите, САД остануваат цврст пријател и сојузник на Турција. Нашите економии имаат динамични односи. Од таа причина, веста за предвидувањето дека вредноста на доларот би можела да достигне дури седум лири е производ на неодговорни и неосновани изјави. Тоа е измислица и лага“, наведено е во соопштението.
Денес попладне е соопштено дека делегацијата на Турција, на чело со заменик-министерот за надворешни работи, Седат Онал, наскоро ќе отпатува во Вашингтон, каде што ќе бидат одржани низа состаноци, со цел надминување на несогласувањата помеѓу двете земји.
Односите на Турција и САД се нарушени откако американската администрација воведе санкции на двајца турски министри поради процесуирањето на американскиот свештеник во Турција.
Нешто подоцна, претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, наложи замрзнување на имотот на американските министри на правда и внатрешни работи во Турција.
Ендрју Крејг Брансон е приведен на 9 декември 2016 година, и оттогаш се наоѓа во притвор. Обвинет е за дејствување и шпионажа во корист на терористичките организации ПКК и ФЕТО. Му се заканува затворска казна, во времетраење од 35 години.
На барање на Обвинителството, Судот во Измир на 18 јули му изрече притвор за време на судската постапка, но поради неговите здравствени проблеми, таа мерка е преиначена во домашен притвор.
Во обвинението што го подигна Обвинителството во Измир се наведува дека Брансон контактирал со членови на терористичката организација ФЕТО.