Aynur Ekiz
06 Февруари 2019•Ажурирај: 08 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Портпаролот на Партијата на правдата и развојот (AK Parti) Омер Челик, остро ја осуди изјавата на претседателот на Франција, Емануел Макрон, за одбележување на 24 април како ден кој се поврзува со страдањето на Ерменците во 1915 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Тој истакна дека наводите кои го поврзуваат страдањето на ерменскиот народ со наводниот геноцид немаат ниту правно ниту историско упориште, и воопшто не се во согласност со историските факти.
„Ние ја отфрламе изјавата на претседателот на Франција, Макрон, и најостро ја осудуваме“, порача Челик преку социјалната мрежа Твитер.
„Франција, која тврди дека се залага за соочување со минатото, би требало пред сè да се соочи со злосторствата против човештвото, кои ги изврши во Бенин, Буркина Фасо, Габон, Гвинеја, Камерун, Мавританија, Нигер, Сенегал, Тунис и Чад. Иако станува збор за прашање за кое историчарите и научниците треба да водат дијалог, г-дин Макрон со овој чекор го оневозможува дијалогот со цел да ги задоволи политичките интереси на одредени лобија“, наведе Челик.
Тој додаде дека Макрон со овакви изјави ги доведува во прашање и односите на Франција и Турција.
„Со оваа изјава се спречува преземање на заеднички чекори во голем број чувствителни регионални прашања кои бараат соработка, посебно кога станува збор за мигрантската криза и борбата против тероризмот. Целта на политиката е да се води подобар дијалог за регионален просперитет, безбедност, стабилност и демократија. Од таа причина, му препорачуваме на господин Макрон да донесе одлуки кои ќе се фокусираат на сегашноста и иднината, а не на минатото. Ако господин Макрон сака да се соочи со историјата како предмет на политиката, тој прво треба да се соочи со историјата на својата земја. Ова би било попринципиелен пристап“, рече Челик.
Турција наведува дека е потребно без мешање на политиката, на објективен и непристрасен начин, да се истражат настаните од 1915 година, и ги повикува двете страни, како и другите земји, да ги отворат архивите со цел научно да се истражат настаните од тој период. Турција, исто така, предложува да се формира заедничка комисија составена од турски, ерменски и меѓународни експерти кои би ги истражиле споменатите случувања.
Турција и Ерменија во октомври 2009 година презедоа напори со цел нормализирање на односите. Двете земји потпишаа два протокола за обновување на дипломатските односи во Цирих, Швајцарија.