Diyar Güldoğan
07 Ноември 2018•Ажурирај: 08 Ноември 2018
ОСТРОВ СУАКИН (AA) - Турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар, денес изјави дека Турција ја оценува одлуката за распишување милионски награди од страна на Соединетите Американски Држави (САД) за фаќање на тројца клучни терористи на ПКК, како позитивен, но задоцнет чекор, јавува Anadolu Agency (AA).
„Би сакал да нагласам дека оваа одлука и потег на САД, на нашите американски пријатели и наши сојузници, е позитивен, но задоцнет чекор“, изјави Хулуси Акар за АА за време на посетатата на суданскиот остров Суакин на западното крајбрежје од Црвеното Море.
Тој ги даде овие изјави откако американскиот Стејт департмент распиша награда за фаќање на тројца клучни терористи на ПКК. Во рамките на програмата „Награди за правда“, лицата што ќе дадат информации за идентификација или локација на терористите на ПКК, Мурат Карајилан, Џемил Бајик и Дуран Калкан, се квалификуваат за награда од 3 до 5 милиони долари.
Акар изјави дека Турција очекува САД да го преземат истиот став против терористичката организација ЈПГ во Сирија.
„Затоа што ЈПГ е терористичка организација и нема разлика со ПКК“, додаде тој.
Министерот, исто така, изјави дека Турција очекува од САД да не испраќаат оружје и муниција на терористите на ЈПГ.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата на терористичките групи во Турција, ЕУ и САД.
Во текот на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убиле најмалку 40.000 луѓе.