Hale Türkeş
14 Јули 2016•Ажурирај: 15 Јули 2016
АНКАРА (АА) - Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, изјави дека турската надворешна политика кон Сирија нема да се промени сѐ додека Башар ал Асад е на чело на таа држава, јавува Anadolu Agency (AA).
Гостувајќи во емисијата „Хард ток“ на Би-би-си, турскиот премиер се осврна на шпекулациите дека Анкара е подготвена да го ублажи својот став кон Асад.
„Сигурно е дека работите во Сирија треба да се променат, но пред сѐ, Асад мора да се промени. Сѐ додека Асад не се промени, ништо не се менува во Турција. Асад носи најголема одговорност за тоа што работите се одвиваат со ваков тек”, изјави Јилдирим.
Запрашан дали Асад би можел да остане на власт како привремено решение, Јилдирим рече: „Од една страна го имате Асад, а од друга страна ДАЕШ. Кој од нив го преферирате? Доколку мене ме прашате кого ние преферираме – одговорот е никој. И Асад и ДАЕШ треба да си одат бидејќи претставуваат проблем за Сиријците”, додаде премиерот на Турција.
На прашањето дали едното би требало да биде приоритет над другото, Јилдирим изјави дека уништувањето на ДАЕШ не би ја решило ситуацијата во Сирија.
„Сѐ додека Асад е на власт, проблемот нема да биде решен. Ќе има и други терористички организации бидејќи односот на сирискиот режим е тој што го создаде ДАЕШ. Нивниот начин на владеење во Сирија ја создаде таа појава. Тие смислено го испраќаат својот народ во смрт“, нагласи Јилдирим.
Јилдирим, кој за премиер на Турција е именуван во мај, потсети дека повеќе од 500.000 Сиријци се убиени во граѓанската војна што започна во март 2011 година, и дека повеќе од девет милиони се раселени, од кои три милиони своето засолниште го пронајдоа во Турција.