Barış Gündoğan
02 Ноември 2017•Ажурирај: 02 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за култура и туризам на Република Турција, Нуман Куртулмуш, истакна дека Турција ја ревидира политиката со цел во следните десет години да стане една од трите најатрактивни дестинации за туристите во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Наскоро ќе го одржиме третиот собир на претставниците на туризмот, ќе поставиме нови стратешки цели и ќе ја ревидираме политиката во тој сектор. Се надевам дека резултатот од овој собир ќе биде и зголемување на претходно планираните 50 милијарди долари и 50 милиони туристи до 2023 година“, рече Куртулмуш, кој утрово беше гостин на уредничкиот колегиум на Anadolu Agency во Анкара.
Куртулмуш нагласи дека во светот постои интензивна омраза кон исламот и кон Турција, и дека некои кругови со измами сакаат да ги заплашат туристите и да ги одвратат од Турција и така да го доведат во прашање нејзиниот туризам.
„Нашата култура и туризмот се две тивки сили со кои и понатаму ќе се бориме против исламофобијата и против омразата кон Турција. Така ќе работиме на зајакнување на угледот и создавање позитивна слика за Турција“, рече Куртулмуш.
Укажувајќи на статистичките податоци дека глобалната економија годишно расте за 2,5 отсто, а глобалниот туристички секторот за 3,1 отсто, Куртулмуш рече дека во следните десет години уделот на туризмот во глобалниот општествен производ ќе се зголеми од десет на 11,4 отсто.
„Турција е една од земјите која има најдобри изгледи и ресурси за да земе удел во тој растечки тренд. Во моментов, Турција е шеста туристичка дестинација во светот, а за нас тоа не е доволно и во следните десет години сакаме да бидеме меѓу првите три“, рече Куртулмуш.
Истакнувајќи дека отворањето на нови пазари е една од главните стратегии на турскиот туризам, Куртулмуш истакна дека 2018 година во Кина веќе е прогласена за година на турската култура, и дека се планирани 50 различни манифестации за промоција на турскиот туризам.
„Покрај Кина, се отвораме и кон Индија, Јужна Кореја, Јапонија, Индонезија, Малезија и други земји од Далечниот Исток, каде што живее речиси половина од светската популација. Ние ќе ја отвориме таа врата и ќе донесеме нови туристи, но тука не зборуваме за десетици илјади, туку за милиони луѓе“, рече Куртулмуш.
На прашањето на новинарите на АА да ја прокоментира посетата на турскиот премиер, Бинали Јилдирим, на Вашингтон, Куртулмуш рече дека се надева оти во таа пригода ќе се надмине кризата во врска со запирањето на издавањето визи од двете страни.
„Проблемот со визите е привремено и не толку значајно нешто, но престојот на водачот на терористичката организација ФЕТО е нешто трајно, и за нас многу важно прашање. За време на посетата на Вашингтон, нашиот премиер и од тоа ниво ќе го повтори нашето барање за екстрадиција на водачот на ФЕТО. Тоа е многу важна точка и за продолжувањето на односите и соработката меѓу Турција и САД“, рече Куртулмуш.
Нагласувајќи дека нема терористи, ниту пак терористички групи кои можат да ѝ донесат добро на некоја земја, Куртулмуш додаде дека ќе биде тешко да се спречи тероризмот сѐ додека во светот не се развие искрен дијалог и единствен став против сите облици на тероризмот.
Куртулмуш ја коментираше и актуелната криза во регионот и кажа дека во тој дел на светот повторно се играат големи игри, и дека одредени кругови дополнително сакаат да ја поделат и да го скараат регинот за да создадат поредок каков што постоел пред сто години.
„Република Турција е единствената земја што може и што работи на спречување на овие игри и заговори. Турција има моќ и политичка стабилност за тоа“, порача Куртулмуш.