Hatice Şenses Kurukız
03 Јули 2017•Ажурирај: 04 Јули 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција продолжува и го забрзува развојот на домашното производство во одбранбената индустрија и оти сама ќе ги произведува носачите на авиони за свои потреби, токму како што сега произведува воени бродови и подморници, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган присуствуваше на свеченото пуштање во пловидба на новиот брод на турската морнарица во Истанбул и во таа пригода, во обраќањето пред присутните истакна дека турските власти гласно се залагаат за развој на домашното производство во сите сектори, вклучувајќи ја и одбранбената индустрија, и оти во кој контекст претпочита домашни произведувачи и фирми.
„Без оглед на тоа што понекогаш по итни потреби обезбедуваме од странство, столбот на нашите планови за иднината е потпирање на домашните капацитети. По тој пат мораме да одме, па дури и кога роковите и цените не одат во прилог. Отворено велам, да не правевме така во изминатите 15 години, поради големиот број прикриени блокади на нашите земји надвор, денес не би биле во можност да спроведуваме толку опсежна борба против тероризмот и да бидеме успешни во операциите и надвор од земјата. Затоа повторно ги ревидираме своите стратегии во контекст на дополнителна поддршка на домашите субјекти во одбранбената индустрија“, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека изградената визија на Турција за 2023 година предвидува таа земја да стекне потполна независност за надворешните добавувачи во одбранбената индустрија, и оти на тој пат Турција мора да прави побрзи и поголеми исчекори.
Ердоган додаде дека домашното производство на воени бродови и подморници е охрабрувачки исчекор кој веќе е направен, а со тоа Турција влезе во десетте земји во светот кои самостојно проектираат и произведуваат воени бродови.
„Ќе продолжиме и ќе ги забрзаме проектите што се однесуваат на нашата национална безбедност. Во производството на воени бродови во нашиот приватен сектор и во воените погони завршија 14 проекти. Во наредните години ќе потпишеме договор за уште десет проекти. Сите тие исчекори се показател колкава важност придаваме на секторот за поморство и одбрана поради ситуациите и заканите коишто се постојани во нашиот регион. Во иднина ќе произведуваме и свои носачи на авиони, одлучни сме во тоа и немам никаков сомнеж дека би можеле да бидат неуспешни“, порача Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган изјави дека турската одбранбена индустрија минатата година остварила рекордно производство во вредност од пет милијарди долари и остварила извоз од 1,6 милијарди долари, но оти тоа е само показател дека сѐ уште не е ниту блиску до зацртаните цели и реалните капацитети во тој сектор.
„Република Турција е надеж за својот народ и за сите сонародници, браќа и пријатели кои од неа имаат големи очекувања. Подигањето на нашите одбранбени способности на највисоко можно ниво е еден од условите да ги оправдаме тие очекувања“, заклучи Ердоган.