Zehra Ulucak
18 Април 2018•Ажурирај: 19 Април 2018
АНКАРА (АА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека шефот на ЦИА, Мајк Помпео, кој е кандидат за министер за надворешни работи на оваа земја, овој месец ја посетил Северна Кореја, при што се сретнал со лидерот на земјата, Ким Јонг-Ун, пренесува Anadolu Agency (AA).
Оваа информација Трамп ја сподели преку Твитер, истакнувајќи дека средбата помеѓу Помпео и Ким поминала без проблем.
„Воспоставен е добар однос. Се работи на деталите за Самитот. Уништувањето на нуклеарното оружје, колку што е добро за целиот свет, ќе биде добро и за Северна Кореја“, пишува Трамп.
Веста за посетата на Помпео најпрво ја објави американскиот весник „Washington Post“ (Вашингтон пост), повикувајќи се на високи американски претставници.
Средбата на Помпео и Ким во Пјонгјанг е првиот контакт на високи претставници на двете земји од 2000 година, кога се сретнаа тогашниот шеф на дипломатијата на САД, Медлин Олбрајт и таткото на сегашниот лидер на Северна Кореја, Ким Јонг-Ил.
Трамп минатиот месец изјави дека е можен состанок со севернокорејскиот лидер Ким, а вчера, на Конференцијата за новинарите по средбата со јапонскиот премиер Шинзо Абе, истакна дека е „нестрплив“ во пресрет на средбата со Ким.