Hatice Şenses Kurukız
19 Март 2017•Ажурирај: 20 Март 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Истанбул изјави дека 16. април, денот кога во земјата ќе се одржи референдум за пакетот уставни измени, ќе претставува пресвртна точка, јавува Anadolu Agency (AA).
Притоа тој потсети на претходната состојба во која се наоѓаше Турција, на проблемите со кои се соочуваше владата, а меѓу нив и образованието, здравството, правосудниот систем и други.
Говорејќи за напредокот на Турција во економскиот сектор, Ердоган изјави дека земјата има остварено голем напредок, а што се однесува до демократијата, спроведе реформи кои во минатото не можеа ниту да се замислат.
„Наместо поимање на државата како (некоја што) од височина ги набљудува граѓаните, воспоставивме влада која им служи (на граѓаните). Ги отстранивме пречките во политиката, бирократијата, трговијата кои се наоѓаа пред жените и младите“, рече Ердоган.
Тој додаде дека денес девојките и жените кои носат марама можат слободно да делуваат во образованието, администрацијата, деловниот свет, судството, вооружените сили...
„Каде бевме, а до каде стигнавме. Во иднина нè очекуваат уште поубави денови“, истакна Ердоган кој потсети на одржувањето на претстојниот референдум во Турција.
Една од најважните ставки во пакетот уставни измени е воведување на претседателскиот систем, што подразбира намалување на бројот на министерства. Тој додаде дека оние кои денес заговараат „не“ на референдумот се противеа и на многу турски мегапроекти.
Тој изјави дека оние коишто сакаат слаба, плашлива Турција, која половина век чека пред вратата на Европа, знаат што претставуваат последните 14 години и што носи претседателскиот систем.
Ердоган истакна дека она што се случува во Европа во последно време покажува дека борбата што се води против Турција поминала во нова фаза.
„Не смееме да дозволиме ниту еден наш граѓанин да доживее ни најмала штета. Секоја земја што ќе се обиде во тоа, ќе ги сноси последиците“, порача Ердоган.