Sibel Uğurlu
29 Ноември 2017•Ажурирај: 30 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, за тврдењата на лидерот на турската опозициска Републиканска народна партија (CHP), Кемал Киличдароглу, рече дека се надвор од здравиот разум и негираше дека испраќал какви било пари во компании во странство.
Киличдароглу за време на вчерашното обраќање на партискиот клуб на пратеници во турскиот Парламент го обвини претседателот Ердоган и членовите на неговото семејство дека испраќале пари на компанија во странство.
На денешниот собир што турското Министерство за шумарство го организираше во Анкара, Ердоган изјави дека мора да одговори на тие неразумни обвинувања во време кога Турција има значително поважни прашања со кои треба да се занимава.
Укажувајќи на големите исчекори што Турција во изминатите 15 години ги оствари предводена од Партијата за правда и развој (АК Партија), Ердоган истакна дека Турција станала земја која има сопствени ресурси за мегапроекти, но тоа лидерот на опозициската ЏХП не сака да го види.
„Киличдароглу, послушај, види ги сите проекти и напредокот што го остваривме. Имаш уши, не слушаш. Очи имаш, не гледаш, во устата имаш јазик што не може да ја зборува вистината. Оваа власт Турција ја направи од земја што зависеше од странци, во земја што годишно привлекува 13 милијарди долари директни странски инвестиции“, порача Ердоган.
Тој потсети дека Турција само од 2005 година отворила 9,2 милиони нови работни места и оти го изненадува целиот свет со остварените стапки на развој, а за Киличдароглу изјави дека е пример за човек што ги критикува резултатите и целите што за него се недостижни.
Истакнувајќи дека ова не е првпат Киличдароглу да изнесува лажни обвиненија, Ердоган потсети дека претходно тој човек го обвинувал дека има банкарски сметки во Швајцарија, и оти тогаш бил подготвен да поднесе оставка на функцијата турски премиер доколку се докажат обвиненијата.
„Сега истото го велам. Докажете дека вашите тврдења се точни, и јас веднаш ќе дадам оставка на функцијата претседател и ќе се повлечам од политиката. Во спротивно, напушти ја политичката сцена“, порача Ердоган.
За време на вчерашното изнесување на обвиненијата, Киличдароглу во рацете држеше некои документи за коишто тврдеше дека се доказ на неговите тврдења, а Ердоган изјави дека тие документи треба да се споделат со медиумите и да се предадат на надлежните органи, но тоа Киличдароглу не го прави бидејќи станува збор за лажни документи.
„Штета е за ЏХП да го предводи лице кое институцијата опозиција ја претвори во комедија. Никој во земја како Турција нема право да ја обезвредни опозицијата. Има толку многу негови лаги и сплетки што не можеме ни да ги наброиме. Тоа не може да се нарече политика, ниту опозиција. Главната опозициска опција не може и не би требало да страда. Не е тоа веќе главна опозиција, туку главно предавство“, порача Ердоган.
Ердоган на крајот уште еднаш изјави дека тој и неговото семејство не испраќале пари во странски компании како што тврдеше Киличдароглу, а за него изјави дека е човек кој со брз чекор, стрмоглаво се втурнува во пропаст и политички отпад.
„Нашиот народ во најкраток рок ќе го испрати на заслуженото место тој последен претставник на поранешното турско разбирање на политиката. Ни малку не се сомневам во тоа“, изјави Ердоган.