Merve Aydoğan
23 Септември 2018•Ажурирај: 24 Септември 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека терористичкото мочуриште источно од реката Еуфрат е најголемиот проблем за Сирија во иднина, јавува Anadolu Agency (AA).
„Моментално, најголем проблем за иднината на Сирија е терористичкото мочуриште кое на источниот брег на Еуфрат се шири со поддршка на некои наши сојузници“, изјави Ердоган на истанбулскиот аеродром „Ататурк“, пред летот за Њујорк каде што ќе присуствува на седницата на Генералното собрание на ОН.
Нагласувајќи дека ниту една земја не презела толкава одговорност, ниту ги почувствувала последиците од војната во Сирија како Турција, Ердоган најави дека за време на обраќањето на Генералното собрание ќе укаже на хуманитарните кризи и ќе повика на нивно решевање, со акцент на ситуацијата во Сирија.
Коментирајќи ја и евентуелната средба со американскиот колега Доналд Трамп за време на посетата на Њујорк, Ердоган изјави дека тој состанок моментално не е на маса, но дека би го разгледал доколку тоа го предложи американската страна.
Турскиот претседател Ердоган го осуди вчерашниот оружен напад во Иран во кој загинаа најмалку 25, а ранети беа повеќе од 60 лица.
„Таквите инциденти доведуваат до интензивирање на чувствителноста на ситуацијата во целиот регион“, изјави Ердоган, и упати порака на сочувство до народот и Владата на Иран.
Ердоган, по завршувањето на посетата, од Њујорк, на 27 септември ќе отпатува во официјална посета на Германија, а денес се заблагодари на германскиот колега Франк Волтер Штајнмаер за повикот.
„Тоа ќе биде прва странска посета на државно ниво од преминот на Турција во претседателски систем на управување“, изјави Ердоган.
Тој најави дека во Берлин ќе се состане и со германската канцеларка Ангела Меркел, но и со германските инвеститори во Турција. Ердоган во Келн свечено ќе отвори и новоизградена џамија.
„Главна тема на нашите разговори во Берлин ќе биде надминувањето на одредени работи кои ги нарушуваа нашите политички односи во изминатите години. Очекуваме, Германија, како еден од лидерите на ЕУ да има конструктивна улога во процесите за интегрирање на Турција во ЕУ, во проширувањето на царинската унија и во воведувањето на визната либерализација за турските државјани“, изјави Ердоган.
Тој додаде дека ќе разговараат и за јакнењето на економската соработка која е во интерес на Анкара и Берлин.
„За време на посетата ќе укажам и на нашите очекувања кога станува збор за ефикасната борба против терористичките организации ПКК и ФЕТО. Ќе нагласиме дека сме подготвени на јакнење на соработката во борбата против тероризмот“, изјави Ердоган.
На прашањето на новинарите, Ердоган потврди дека новиот аеродром во Истанбул ќе биде свечено отворен на 29 октомври оваа година, како што е и планирано.
„Последните проверки се објавени за време на ТЕКНОФЕСТ. Претходно, и лично слетав на аеродромот. Зградата на терминалот со сите придружни работи е подготвена. Пистата е убава, а пилотите, за време на слетувањето ми рекоа дека е и многу квалитетна. Бројот на пистите ќе биде и поголем, се работи на тоа“, изјави Ердоган.