Enes Kaplan
05 Април 2018•Ажурирај: 06 Април 2018
АНКАРА (АА) – Портпаролот на Претседателството на Турција, Ибрахим Калин, на денешната прес-конференција во Анкара соопшти дека Турција, преку Црвената полумесечина на целата територија на Сирија доставила помош во висина од 630 милиони долари
Калин, на прес-конференцијата во претседателската палата одговараше на новинарските прашања во врска со дневнополитичките случувања.
Тој во однос на ситуацијата во Сирија истакна дека сирискиот режим во моментот е најголемата пречка за доставување хуманитарна помош и за реализирање на прекинот на огнот во земјата.
„Потребно е зголемување на притисокот врз режимот за да може на забрзан начин да се достави хуманитарната помош во Сирија, бидејќи до овој момент, режимот претставува најголема пречка и за спроведување на прекинот на огнот и за доставувањето на хуманитарната помош. Вчера, почитуваниот претседател на Турција, на оваа тема подетално разговараше со своите колеги“, рече Калин.
- „Операцијата продолжува сѐ додека целиот регион не се исчисти од терористите“ -
Во врска со операцијата „Маслинова гранка“, Калин изјави: „Операцијата продолжува сѐ додека целото тоа подрачје, вклучувајќи го и Тел Рифат, не биде исчистено од терористичките елементи.“
Калин истакна дека, според изјавата на Русите по прашањето на Тел Рифат „речиси и не останале елементи на ЈПГ/ПЈД“, и додаде: „Тоа ќе го потврдиме со сопствени ресурси.“
- Присуството на САД во Сирија -
Околу операциите на САД во борбата против ДЕАШ во Сирија, Калин го истакна следното:
„Америка треба да донесе одлука, борбата против ДЕАШ во Сирија заврши или не заврши? Оттаму велат ‘заврши’, велат ‘пред завршување е’, велат ‘се приближуваме кон крајот’. Потоа ‘не, не, заканата продолжува’. Очигледно е дека постои некаква конфузија кај нив. Настрана од конфузијата на другите, ние сме сосема јасни и нашиот пристап е многу јасен.“
- Околу тврдењата за повлекување на ПКК од Синџар -
На прашањето околу тврдењата дека ПКК започнал да се повлекува од Синџар, Калин одговори:
„Ние внимателно пристапуваме кон тоа, бидејќи многу често се соочуваме со ваков вид тактички лаги од страна на оваа организација. Го менуваат името, ги менуваат позициите, го менуваат местото, и на тој начин се обидуваат повторно да продолжат со своето присуство таму.“
- Присуството на ТСК и ССВ во Африн -
Ибрахим Калин информираше дека ќе го продолжат своето присуство Африн сѐ додека во тоа погранично подрачје и во самиот град не се обезбедат сигурност и мир во потполност.
- Терористички закани кон Турција од Ирак -
„Потребно е да се стави крај на користењето на ирачката територија од страна на терористичките организации против Турција“, изјави Калин, и додаде:
„По ова прашање постои разбирање меѓу нас и ирачките власти. Затоа, за нас од особено задоволство би биле воените операции против ПКК во Синџар или Кандил или против некое друго место.“
- За изјавата од САД дека „Сириските демократски сили не се ПЈД/ЈПГ“ -
Калин рече дека САД со изјавата „Сириските демократски сили не се ПЈД/ЈПГ. ПЈД/ЈПГ и ПКК можеме да ги одвоиме“, веќе 1-1,5 години се обидуваат да ја убедат Турција и продолжи:
„Ние тоа категорично го одбиваме, бидејќи ние ја знаеме реалната состојба на теренот. Во оваа пригода, би сакал да кажам дека залудни ќе бидат напорите и на Франција доколку започне такво нешто. По ова прашање многу е јасна нашата позиција. Сметаме дека преземањето на вакви чекори, претставува директно или индиректно давање поддршка на терористичката организација“.
- „Акцијата е спроведена во договор со косовските власти“ -
Калин, истакнувајќи дека во борбата против ФЕТО, секогаш спроведуваат акции кои во ниту еден момент не се надвор од правните рамки и закони, додаде: „Последната акција во Косово е случај, кој е спроведен во преговори со косовските власти. Акција со која обвинетите беа префрлени во Турција е во рамки на Договорот за испорака. На тој начин е отстранета една безбедноста слабост и за тие држави.“