İnci Gündağ
16 Април 2018•Ажурирај: 17 Април 2018
ЛОНДОН (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, тврди дека хемискиот напад извршен во подрачјето на Дума, кое се наоѓа во Источна Гута, Сирија, е инсцениран случај, пренесува Anadolu Agency (AA).
Лавров, во интервју за BBC (Би-би-си) околу последните случувања, истакна дека ги негира тврдењата оти неговата земја интервенирала врз подрачјето каде што е извршен хемискиот напад во Сирија.
„Можам да гарантирам дека Русија не интервенираше во подрачјето. Не можам да бидам неучтив кон претседателите на другите земји, не можам да бидам неучтив ниту кон претседателот на мојата земја, но ги цитиравте лидерите на Франција, Британија и САД. Ако треба јасно да се каже, сите докази што ги цитираа се базираат на вести и на социјалните мрежи“, рече Лавров.
Лавров тврди дека во Дума не е извршен хемиски напад, и рече: „Тоа што се случи е инсцениран случај“.
Истакнувајќи дека силите на Западот, меѓу кои и Британија, ги затвораат каналите за комуникација со Русија, Лавров нагласи дека поради недостаток на комуникација меѓу страните, неговата земја и Западот се соочуваат со една ситуација која е полоша од Студената војна.