Aylin Sırıklı
14 Ноември 2017•Ажурирај: 15 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Во Турција, во тек е судењето на обвинетите за минатогодишниот обид за воен удар, а во судот во Анкара денес обвинетиот пилот Ерен Качкан изјави дека еден од обвинетите команданти, Ахмет Тосун, на 15 јули му наредил да ги избрише снимките од наредбите што им ги издавал на пилотите пучисти, јавува Anadolu Agency (AA).
Терористичката организација ФЕТО со посредство на инфилтрираните поданици во редовите на турската војска, полицијата и во другите институции, на 15 јули минатата година изврши неуспешен обид за воен удар во Турција, а во 4. Кривичен суд во Анкара започна постапката против 486 обвинети за настаните во воздушната база „Акиџи“, која беше централно командно место на пучистите.
Еден од обвинетите, поранешен пилот на турските воздушни сили, Ерен Качкан, ги негираше наводите од обвинението и изјави дека го проколнува обидот за пуч и сите вмешани во тој чин.
Качкан изјави дека на денот на обидот за пуч, командантот на воздушната флота ги построил пилотите во базата и им наредил да ги извршуваат неговите наредби за време на наводната антитерористичка операција.
На построените војници оружјето им го подели исто така обвинетиот поранешен капетан Мете Кајгусуз.
Тој во понатамошниот исказ изјави дека поради умор, барал одмор и оти таа вечер преспал во собата и дури утрината се одлучил да ја напушти базата за да дознае што се случува. Тврди дека до 27 јули бил дома, а потоа отишол во базата каде што е уапсен.
Качкан изјави дека во еден момент, во базата му се приближил поранешниот капетан и обвинет пучист Ахмет Тосун и барал да ги избрише сите содржини од уредот „DVR“ преку којшто Тосун им издавал наредби на пилотите пучисти.
Обвинетиот понатаму тврди дека тоа не го сторил, туку едноставно го оставил уредот на масата од каде што го зел.
Снимките од споменатиот уред се ставени во доказниот материјал во судската постапка, а на нив се снимени наредбите што Тосун им ги давал на пилотите-пучисти – да го бомбардираат Парламентот, Командата на специјалните сили, ТУРКСАТ и зградата на полицијата во Анкара и да го следат авионот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Покрај директните наредби за напад, обвинетиот Тосун, што потврдуваат и снимките, им наредил на пилотитр-пучисти со ниски летови над Анкара да ги скршат сите прозорци на зградата на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија) и на претседателската палата во Баштепе.