Bayram Altuğ
26 Мај 2017•Ажурирај: 27 Мај 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Најмалку 34 лица загинаа, а стотици се водат за исчезнати откако вчера на Средоземното Море потона дрвен брод што превезувал мигранти, се вели во соопштението од Меѓународната организација за миграции (ИОМ), пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на ИОМ, Џоел Милман, во изјава за АА потврди дека вчера во Средоземното Море потонал дрвен брод на кој се превезувале повеќе од 500 мигранти.
Тој додаде дека до денес се извлечени телата на 34 лица.
„Не знаеме што се случило со останатите мигранти што биле на бродот. Се надевам дека се спасени од бродовите што поминувале. Но, за тоа сѐ уште не добивме никакви информации. Загрижени сме“, изјави Милман.
Тој наведе дека во Средоземното Море вчера биле спасени 2.000 а во вторникот 4.129 мигранти, што е повеќе од 6.000 во последните седум дена.
Според зборовите на Милман, од почетокот на годината преку Средоземното Море до Европа стигнале 60.521 мигрант, а 1.530 настрадале смртно.