İlkay Guder
22 Февруари 2017•Ажурирај: 23 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Заменикот генерален секретар и портпарол на Канцеларијата на претседателот на Република Турција, Ибрахим Калин денес во Анкара изјави дека Ердоган ќе ја посети Русија во март, како и дека таа посета е многу значајна од аспект на нормализирање на односите на Турција и Русија, јавува Anadolu Agency (AA).
Калин се обрати на прес-конференција во Анкара, а во таа пригода одговараше на прашања на новинарите во врска со актуелните случувања.
Тој изјави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во текот на наредниот месец ќе отпатува во Русија, на состанокот на Советот за соработка на високо ниво.
„Сметаме дека тоа ќе биде многу важна посета од аспект на процесот за нормализирање на односите меѓу двете земји, кој сѐ уште трае“, изјави Калин и додаде дека еден од најважните чекори во процесот на нормализирање на односите е прашањето за укинување на санкциите.
„Она што очекуваме е со оваа посета да биде постигнат резултат и на тој план. Секако, посетата на Русија ќе биде можност и да се разговара за Сирија, Ирак, борбата против тероризмот и за билатералните односи на двете земји“, нагласи Калин.
Тој се осврна и на претстојниот референдум за уставни промени, кој ќе биде одржан на 16. април оваа година.
Калин истакна дека една од најважните карактеристики на тој референдум е фактот што на народот ќе му биде дадено право директно да ја избира извршната и законодавната власт.
Тој посочи дека системот што се предложува всушност претставува систем кај којшто една од темелните карактеристики е да се потпира на народот и да има доверба во народот.
„Народот нема да има доверба во политика којашто нема доверба кај народот. Системот што не се потпира и нема доверба во народот, не може да биде во служба на народот“, порача Калин.