Özcan Yıldırım
22 Февруари 2017•Ажурирај: 23 Февруари 2017
АНКАРА (АА) – Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган имаше свое обраќање на средбата на Унијата на изведувачи на Турција, кои организираа церемонија за доделување на „Награда за изведувач во странство“, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган им честита на компаниите и на добитниците на наградите, на претставниците на организациите што се меѓу 250-те најголеми светски фирми – изведувачи. Тој нагласи дека Турција на светско ниво е втора во оваа дејност и оти тоа ја зголемува моќта на Турција од година во година.
Претседателот Ердоган истакна дека турските изведувачи, кои досега се предводници на проекти вредни околу 340 милијарди долари, имаат важен придонес во економијата во делот на логистиката, вработувањето, технологијата и информациите.
- „Секој удар што не те убива, те прави посилен“ -
„Петнаесетти јули уште еднаш покажа дека секој удар што не те убива те прави посилен“, рече Ердоган и додаде: „Турција е држава што исправено, со широки гради успеала да излезе посилна од секакви напади, кризи, хаоси и удари. Истата состојба важи и за вас. Ако го поминете овој чувствителен период со трпение, упорност и внимание, ќе видите дека одеднаш ќе излезат уште поголеми можности“, оцени Ердоган.
„Во нашите принципи нема враќање назад. Само напред, постојано напред, и мораме одлучно да продолжиме на тој пат“, рече Ердоган додавајќи: „Му дадовме збор на народот, се надеваме дека Турција ќе ја донесеме на современо цивилизациско ниво“.
Понатаму тој истакна: „Од несогласувањата меѓу законодавната, извршната и судската власт, од конфузијата во овластувањата, Турција има многу голема штета. Политичкиот хаос предизвикан од државните удари и економските кризи натовари огромни финансиски трошоци на нашата држава. Сега гледам, и што велат, знaете? Велат: ’Oд 16. април веќе во Турција нема да има законодавен орган’. Бидете искрени. Ако политиката се води искрено, народот ќе ве постави на некои места. Ако не водите искрена политика, години и години ќе бидете на истите места“.
- „Најголемата гаранција за овој систем е народот“ -
„Се обраќам до сите државјани, без разлика дали се од АКП (Партија на правдата и развојот), МХП (Национална народна партија), ЏХП (Републиканска народна партија), дури и до оние што се приврзаници на ХДП (Народна демократска партија)“, рече Ердоган и додаде: „Ајде да се консолидираме во оваа историска реформа и на овој начин, на 16. април да ги поставиме темелите на еден систем на единството, заедништвото, на Турција со силен интегритет, на просперитетна Турција која е лидер", истакна турскиот претседател во своето обраќање.
„Најголемата гаранција за овој систем е народот, затоа што поддршката од над 50 проценти од народот значи барање за сеопфатно и целосно општество, а тоа пак значи да имаш програма, план, проекти и плуралистички сфаќања“, рече претседателот Ердоган.