Ivana Ramadanova
10 Јули 2017•Ажурирај: 11 Јули 2017
СКОПЈЕ (AА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денеска престојуваше во работна посета на Виена на покана на шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц, пренесува Anadolu Agency (AA).
Фактот што ова е една од првите билатерални посети на министерот за надворешни работи Димитров на земја-членка на ЕУ, покрај соседите, претставува потврда повеќе за силните врски на пријателство и соработка меѓу двете земји и нации, се наведува во соопштението од МНР.
Во разговорот со својот австриски колега, министерот Димитров се заблагодари за конзистентната и отворена поддршка на нашиот пат кон членство во ЕУ, и истакна дека Австрија е еден од најважните пријатели на регионот од ЕУ.
Во таа смисла, Димитров особено ја нагласи потребата од постигнување на суштински исчекор во процесот на интеграција на регионот во ЕУ, и тоа на двете страни – завршување на домашната задача на земјите-аспиранти, но и внесување нова динамика во процесот на интеграција од страна на земјите-членки.
„Република Македонија на овој пат е решена, преку посветена работа, да понуди што е можно повеќе аргументи на своите европски партнери и да претставува позитивен пример за европската перспектива на целиот регион. Брзото враќање на интегративниот воз за Брисел, назад на шините, е од клучно значење, а Македонија може да биде новиот светол момент на овој макотрпен пат“, заклучи Димитров.
Aвстрискиот министер Курц потврди дека Австрија останува силен поддржувач на европската иднина на Македонија, поздравувајќи ги заложбите на новата реформска Влада на Република Македонија за темелни реформи во клучните области, како и политиката на отворен и позитивен однос со своите соседи.
Курц ја охрабри Владата да продолжи со ваквите чекори. Разговорите на двајцата шефови на дипломатиите опфатија и теми поврзани со миграцијата и унапредувањето на билатералната соработка, а беа разменети мислења и за актуелните политичко-безбедносни теми во нашиот регион и пошироко.
Во рамките на работната посета на Виена, министерот Димитров оствари средби и со претседавачот на Комисијата за надворешнa политика во австрискиот Национален совет, Јозеф Чап, и со членови на комисијата, со претседателот на Комората на индустријалците на Австрија, Георг Капш, а даде и интервју за австрискиот весник „Die Presse“ (Прессе).